Фото: Маја Јаневска-Илиева

Петар Ренџов, музичар

Албумот „Џезилка“ е музичко дело што носи нова димензија во македонската музика. Идејата е со првото слушање песните да бидат доживеани како ликовни дела – слики, отсликани на платно од некој стар италијански мајстор на ренесансата или македонски зограф од 12 век, вели Петар Ренџов

Новиот албум „Џезилка“ на познатиот македонски музичар Петар Ренџов ни пренесува и љубов и среќа и тага, нуди музика што извира од душата, квалитет и оригиналност. Првиот впечаток е дека секоја од песните („Жена без лице“, „Глинено око“, „Ноќна птица“, „Лулела е Јана“, „Македонки“, „Лоза дринкиг вуман“, „Темјаника“…) е подготвувана перфекционистички, се везеле тон по тон, нота по нота и во тој микс од музички стилови, македонските традиционални нумери зазвучеа светски. Несомнено овој албум, со својот оригинален звук, ќе пополни голема празнина на македонската музичка сцена.

„Везилке кажи како да се роди проста и строга македонска песна….“, напиша Блаже Конески во песната „Везилка“ што, несомнено, ве инспирира за насловот на албумот. Мислите ли дека вие на своевиден начин го сторивте тоа со последниот носач на звук, пред сѐ со строгоста кон себе, како професионалец што се држи до квалитетот и се јавува само тогаш кога има што да каже?
– Стиховите од „Везилка“ се инспиративни, тие се чист македонски блуз, „песна од копнеж и песна од мака“. Таквата поетска симболика се обидов да ја вметнам и во текстовите на „Џезилка“. Имено, ниеден текст не е напишан со намера да биде употребен за песна, сите се издишани од душата на авторот, независно од судбината на поезијата дали ќе биде музички обликувана. Во темата „Луд“ авторот на текстот вели: „Го слушам тој…г о слушам него – гласот мој, те вика знам… а јас сам, не го препознавам“. Како автори на текст се потпишани: Александар Стефановски-Јаблан, Владимир Нејашмиќ-Бато, Михаил Ренџов, Лу Доналдсон (препев – Петар Ренџов).

Најважно за еден креативец е постојано да работи на себе, да истражува, да си поставува нови предизвици… Дали 13-те нумери на новиот албум го донесоа оној звук што го баравте во изминатите неколку години?
– „Џезилка“ е музичко дело што носи нова димензија во македонската музика. Идејата е со првото слушање песните да бидат доживеани како ликовни дела – слики, отсликани на платно од некој стар италијански мајстор на ренесансата или можеби македонски фрескосликар или зограф од 12 век. Создавајќи ги овие 13 нови дела, јас ги вметнав сето знаење, искуство и моќ. Секое од делата доловува посебен приказ со стотици нијанси на бои, кои можеби се импресионистички, класицистички или етнопастелни светлини, но алхемијата на создавањето на вкупната рамка на сликата е секогаш поврзана со бојата на џезот, а таа не е константана во спектарот на светлината. Така е и со музичките бои на ова цеде, тие се сублимат од 40-годишна посветеност на музиката, мигови на драма фатени само во една единствена секунда на инспирација, така што не ми е јасно дали јас го барав тој звук како некој забеган филозоф или тој едноставно тлеел во мене, па сега самиот излезе на виделина.

Што ви беше најважно во текот на создавањето на „Џезилка“?
– Во претходните мои два авторски албума: „Сонот на невестата“ и „Темјаника“, етноинструментите: кавалот, тамбурата, гитарата, тарабуката и дајрето како носители на звукот, беа впрегнати во создавањето креации што асоцираат на Македонија. Поради нивната звучна автентичност со неправилните ритми и импровизациите на возбудливите инструменталисти се создаде формула во насока на имплементирање на џез и блуз-музиката и нова димензија на македонските ора и песни. Во „Џезилка“ го направив спротивното. Имено, трубата, саксофонот, тромбонот, флејтата, виброфонот, контрабасот и гитарата, како инструменти на класичната и џез-музика ги ставивме во функција на македонските народни, забавни и рок-експресии со една мека прифатлива дури би рекол популарна естетика. Хармониите се збогатени и решени по стандардите на еден симфониски биг-бенд со колективна полифонија, а моја интенција беше на моменти да звучи како оркестарот на МРТВ од времето на 1960-тите години. Во оваа формула моите скромни вокални вештини морав да ги подредам на предизвикот што го носи музичката матрица, но и тежината на текстовите, мислам дека тоа беше најтешкиот дел во текот на создавањето на албумот. Наедно му благодарам на Јане Дунимагловски, кој ја отпеа темата „Тајна насмевка“ и внесе цврста вокална енергија во „Џезилка“.

Обединувачките звуци на албумот произлегуваат и од мајсторството на музичарите со кои соработувавте, а тие сите заедно навистина звучат како биг-бенд. Како дојде до овој фантастичен спој?
– Со текот на годините им бев лојален на моите музички браќа и сестри, како што ги нареков „толкувачи на соништа“, со кои соработувам со децении. Нивната поддршка ме прави горд и среќен, нивните музички изблици и импровизации ме облагородуваат. Тоа се врвни и посветени професионалци со екстремна естетика и сензибилитет, кои го збогатуваат колоритот и ги создаваат нијансите на боите на звукот. Без нив „Џезилка“ ќе биде само една црно-бела скица, која би се загубила во сивилото на обичниот, секојдневен пејзаж. Со трубачот Сенад Усеин со месеци филозофиравме дали звукот да биде модерен или класичен, а саксофонистот Кирил Кузманов на снимањата воопшто не зборуваше, некој го беше нарекол „тивкиот“, но додека свиреше очите ни светеа од воодушевување. Сашко Николовски, Дамир Имери и Дионис Стратров и Мартина Авросиевска се членови и на „Тумбао салса бенд“ и соработуваме веќе 25 години. За продукцијата на албумот се врзани три имиња Мите Димовски, Горан Гешовски и Љупчо Соколовски.

На албумот, освен со Јане Дунимаглоски, соработувате и со докторот Мето Чепреганов. Како дојде до овој спој?
– Со Јане Дунимагловски не се знаев лично, неговите спотови и песни внимателно ги следев и почувствував дека ги содржи сензибилитетот и изразот, кои многу ми одговараа, тоа беше пресудно да му се јавам и да го поканам за соработка. Доктор Методи Чепреганов е директен виновник за тоа што сум, тој ме научи да свирам гитара и да го засакам џезот. И денес го чувствувам како интелектуален гигант, кој заедно со татко ми, поетот Михаил Ренџов, имаат извршено огромно влијание во филозофијата на уметноста. За секој ученик треба да биде голема честа импровизациите да ги „дели“ со својот учител и ментор.

Како го објаснувате фактот што за реализацијата на „Џезилка“ не добивте поддршка од Министерството за култура?
– Да добиеше поддршка од Министерството за култура, „Џезилка“ ќе беше уште посериозен албум, побогат со инструменти, со повеќе потрошени часови на снимање, подобра продукција, со можност да стане подостапен за сите што ќе посакаа да го имаат, особено за помладите, кои се збунети од поимот „култура“. Жал ми е што не сум во можност да го подарам. Се борам да ја промовирам „Џезилка“ меѓу рамнодушни бизнисмени, фирми и трговци, кои за свое задоволство би потрошиле пет пати повеќе средства само за еден ручек во елитен ресторан. За жал, приказната ја делат стотина автори, кои би сакале да се искажат на својот сопствен, мајчин јазик.

фото: Маја Јаневска-Илиева

Музичар без партиска книшка

Велите дека сте „непартиски музичар“, што добивате, а што губите со тоа?
– Ние непартиските музичари повеќе зависиме од поддршката на публиката. Од една страна сме среќни, горди и неоптоварени при изразувањето, но од друга страна имаме проблем со плаќањето на основните егзистенцијални трошоци. Нѐ има десетина музички војводи што сами ја биеме битката со сопствената држава, барем така се чувствуваме.