Џастин Бибер соопшти дека накусо се повлекува од сцената поради психички проблеми, но и за да му посвети повеќе време на бракот.

Тој призна дека обожавателите оправдано го критикувале оти при својата трета светска турнеја во 2016 и 2017 година постојано бил нерасположен и дека не успеал да им ја пружи потребната енергија.

– Се обидувам да откријам што ме мачи, како и многумина од вас. Така, одлучив да се фокусирам на решавање на некои длабоки психички проблеми кои ме мачат, за да не се распаднам, да го зачувам својот брак и станам татко каков што сакам да бидам, објави Бибер на Инстаграм.

Тој лани во ноември се венча со американската манекенка Хејли Болдвин.

– Музиката ми е доста важна, но ништо не смее да застане пред семејството и моето здравје – нагласи уште кон крајот на 2018 година.

Меѓутоа, тој истакна дека тоа не значи дека се откажува целосно од музиката.

Во 2015 година Бибер го издаде четвртиот албум „Purpose“ и тргна на светска турнеја. Но, таа беше прекината, а 15 концерти не беа одржани, како што пишуваа медиумите, поради депресија и исцрпеност кај пејачот.

Бибер во светот продаде вкупно околу 150 милиони албуми, а само во САД – 45 милиони албуми и синглови.