Бренд-концепти: Музички икони (10)

Француската џез-сцена има една своја посебност. Тоа е ромската школа за џез-гитара, која се негува во етничката група Мануши како музичко наследство на легендарниот Џанго. Кој е Џанго, Џанго Ренард? Француски гитарист, композитор и шеф на оркестар, со ромско потекло, роден во кола на племенската група Мануши со потекло од Белгија. Роден е на 23 јануари 1910 година, а веќе на 10-годишна возраст научил да свири на гитара, бенџо и виолина. На 18 години веќе е одличен виртуоз, добро познат помеѓу своите Мануши. Најпрвин развил сопствена техника на свирење гитара, а потоа создал и оригинален личен стил. Џанговиот стил и звукот на гитарата биле вистинско откритие. Создавал добар и лесно препознатлив џез, свирен со голем емоционален набој. Бил прифатен како еден вид музичко чудо на природата.

Затоа, и до денес е само еден и единствен. Неповторлив. Неписмен белгиски Ром, кој поседуваше и покажуваше извонредно музичко и свирачко умеење. Посебен и невиден џез-гитарист до неговата појава, но и неповторен по неговата прерана смрт. Најголем и најбитен што не потекнал од САД. Во свирењето технички совршен, брилијантен слухист, кој никогаш не научи да чита ноти. До ден-денешен никој не успеа да го имитира – гениј што еднаш се раѓа во еден век. Во своите неверојатни гитарски импровизации внесуваше повеќе дух на ромските тажалки и европски евергрин-теми, отколку американски џез-моменти. Најспектакуларните бравури и пасажи на гитарата ги отсвири само со три прста, бидејќи другите два, малиот и до малиот, му беа трајно здрвени (дермогена контрактура – згрченост), како резултат на изгореници од пожар, кој се случил во номадската кола во која спиел.

Во 1931 година во Тулон се среќава со сликарот Емил Савитри, кој го запознал и „заразил“ со џез-музиката, која со текот на времето му станува голема љубов, страст и пасија. Најмногу се восхитувал на музиката на Луј Армстронг, Дјук Елингтон и свирењето на гитаристот Еди Ланг и на виолинистот Џо Венути. Најпрвин започнува да свири во локалите на Азурниот брег, најмногу во канскиот „Палм бич“, а потоа и во локалот „Клериџ“ во Париз. Во 1934 година го прави квинтетот Хот клуб на Франција (три гитари, виолина и контрабас), во кој свири заедно со мајсторот на виолина Стефан Грапели. Оркестарот станува најдобар европски џез-состав, а Џанго е прогласен за џез-гитарист број еден во светот. Станува ѕвезда на парискиот уметнички живот. Од неговиот начин на свирење произлегуваше моќен свинг, како во соло-делниците, така и во заедничкото свирење со другите членови на составот.

Тоновите што произлегуваа од неговата гитара беа кристално чисти и звучеа во распон од прозрачна нежност до бурна музичка грмотевица. Беше самоук и без какво било музичко образование, а умееше да компонира теми и да составува аранжмани, кои преку гитарата им ги диктираше на другите музичари на бендот. Неговите музички замисли на хартија ги пренесуваа великани како Стефан Грапели, Ибер Ростен, Андре Одеир и Жерар Левек. На тој начин беа создадени богатите музички фрески на Џанго, од кои бликаа традиционалните мотиви на ромската музика, а тој се покажа, на моменти нежен и мил, а на моменти пак полн со страсти, жесток и брутален во музичка смисла.

Во случајот на Џанго и џез-музиката што ја создаваше немаше никакви претходници, школи или влијанија. Тој е осамена ѕвезда на џез-гитарата. Блескава и препознатлива. Неговата музика е пример на неговата музичка дарба и впечатливоста на личниот израз, кој има корени во ромското потекло. И денес неговата музика зрачи со интензивна витална енергија, со виртуозност и со непосредната сензибилност што ги поврзува изведувачите и публиката. Во кратката кариера свиреше со великаните на џезот, како што се Бени Гудмен, Бени Картер, Еди Саут, Колмен Хокинс, Барни Бигард, Рекс Стрјуард и др. Ниту еден модерен џез-гитарист не остана имун на неговото музицирање и со полно право може да се каже дека Џанго ги постави основите на свирењето гитара во џезот. Познатите џез-гитаристи Лес Пол и Чарли Берт и самите доаѓаа во Париз да го гледаат и слушаат Џанго како свири џез-гитара. Особено бил ценет од блуз-мајсторот Би Би Кинг и од Дјук Елингтон, кој во 1946 година го поканил во САД да свири заедно со неговиот џез-оркестар. Џон Луис му оддал признание со композицијата наменета за него, а насловена едноставно „Џанго“. Неговото музичко наследство се состои од 110 композиции, од кои 32 отсвирени со Стефан Грапели.

Најпознати џез-бисери, создадени од него се нумерите: „Nuages“, „Minor Swing“, „Djangology“, „Swing Guitars“, „Daphne“ и др. Инаку, во приватниот живот беше авантурист и боем со нескротлив дух. Знаеше во кратки секвенци ненадејно да исчезне од музичката сцена, но и да се врати на истата таа кога никој не очекуваше. Во музичките паузи знаеше често да слика, да лови риба и да игра билјард, и сето тоа во согласност со неговата немирна природа. Почина ненадејно од мозочен удар во 1953 година, во болницата Фонтенблу, а е погребан во местото Самоа, близу Париз, каде што и живееше.

Бајката за Џанго Ренард, митскиот француски и ромски гитарист, ја испиша самиот живот. Во неа ништо не е измислено. Иако приказната е неверојатна, сепак е вистинита. Кој било гитарист што првпат ќе го слушне Џанго како свири гитара доживува еден вид шок. Запаѓа во двоумење помеѓу моментална желба да се откаже од понатамошно свирење гитара, но исто така и многу јака желба засекогаш да се посвети само на овој инструмент. Бајката започнува во ромскиот камп на Манушите, продолжува во реномираните џез-клубови во Европа и во САД, а завршува во најугледните светски концертни сали. Џанго изодувајќи го овој пат стана најзначаен француски џез-музичар и најугледен претставник на ромскиот народ. Снимените плочи на квинтетот Хот клубот на Франција ќе го обиколат целиот свет, а Џанго Ренард и Стефан Грапели во историјата на светот ќе бидат запаметени како автори на џезот на жици, без тапани и дувачи. Џанго го воведе џезот во музичката култура на Ромите, стана светски познат како икона на Манушите, но и не само нивна икона.

Музиката што ја создаваше и животот што го водеше биле инспирација за големи писатели како што се Жан Кокто и Џемс Џонс. Во романот „Од овде до вечноста“, Џ. Џонс на Џанго му посветува цело едно поглавје. Музиката на квинтетот ја користеа и режисерите Скорсезе, во „Њујорк, Њујорк“, Вуди Ален во „Биди најдобар“ и Емир Кустурица во „Аризона дрим“. Тоа е моќта на мануш-џезот, на џипси-свингот или џипси-џезот на Џанго.

Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите (во комбинирана техника и колаж) на музичките ѕвезди