„Brasses For the Masses“ неодамна беше прогласен за најдобар албум на светот од страна на британското музичко списание „Сонглајнс“

Познатиот музичар Џамбо Агушев во родната Струмица ги минува деновите во изолација, заедно со своето семејство, а најмногу време му посветува на синот Мерт. Со другите членови на оркестарот „Џамбо Агушев“ контактира преку социјалните мрежи и со нетрпение го чека мигот кога повторно ќе застане на некоја од европските сцени. Причина повеќе за тоа е последниот албум, „Brasses For the Masses“, кој излезе неодамна и веќе добива одлични критики во светските музички списанија и котира високо на топ-листите. Неодамна албумот беше прогласен и за најдобар на светот од британското списание „Сонглајнс“. Инаку, љубителите на овој вид музика можат бесплатно да го преслушаат на Интернет, а веќе се реализирани и неколку интересни видеозаписи за новите песни.

Дали поради паузата за пандемијата на коронавирусот беа одложени веќе закажани концерти на оркестарот и, се разбира, промоцијата на новиот албум?
– Ни беа одложени многу концерти и промоции. Мојот последен јавен настап во Македонија беше на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, каде што ја добив четвртата статуетка, како прва труба во земјата. Се разбира, кога ќе помине овој тежок период, кој нѐ забави сите, ќе ги одржиме промоциите на албумот низ цела Европа, па и во светот, кои првично беа планирани за април и мај.

Британското музичко списание „Сонглајнс“ објави одлична критика за албумот, во која, меѓу другото, се вели: „Иднината на балканските дувачки оркестри е во сигурните раце на македонскиот трубач Џамбо Агушев и на неговиот оркестар…“
– Да, на топ-листата на ова специјализирано списание се најдовме на првото место. Многу сум задоволен и горд на она што го постигнавме за кратко време по издавањето на албумот. Првичните реакции на оние што го слушнале албумот се одлични, а секојдневно добиваме и комплименти дека новиот албум звучи светски.

Дали сакавте на новиот албум да внесете нешто посовремено во вашиот звук, иако на албумот вклучивте и некои постари теми?
– Моја визија, како и на мојот оркестар, е да создадеме нешто ново и да направиме спој на различни стилови на музика, а доказ дека сме на вистинскиот пат е тоа што за кратко време се најдовме на врвот на светските топ-листи. Јас веќе подолго време го следам трендот на музиката во светот и затоа се одлучив да направам нешто ново, спој помеѓу балканската музика и други светски стилови, како што се фанк, ска, џез, блуз… Но, сепак, во најголем дел од албумот е презентиран македонскиот, односно балканскиот стил.

Новиот албум ги содржи песните: „Macedonian Nightcrawler“, „Shukri Dvojka“, „Taksim Dream“, „Road to East“… Која ви е најдрага и дали сте задоволен од соработките?
– Сите песни ми се омилени, но можам да ја издвојам „Road to East“, која е прекрасна и многу емоционална. Задоволен сум од соработката со мојот менаџер од Србија и продуцент Хенри Њуман, кој е сопственик на издавачката кука „Асфалт танго“ од Германија, кој се погрижи за извонредниот звук на албумот и е негов продуцент, а наедно и кум, негов е насловот на овој носач на звук.

Дали можеби тоа што вашата труба овој пат звучи многу различно, нежно но пробивно, значи дека сте се качиле на едно скалило погоре како инструменталист?
– Се согласувам дека звукот во албумот овој пат звучи различно. Секојдневно учам, се усовршувам и сѐ уште не можам да кажам дека сум го достигнал врвот во музичката кариера. Сепак, успехот на новиот албум покажува дека и јас и сите членови на оркестарот сме на вистинскиот пат до постигнување светски успех.