Ед Разек (лево) се пензионира по 36 години поминати во компанијата „Викторијас Сикрет“

Модниот бренд „Викторијас сикрет“ претрпе два нови удари врз неговата слава и моќ. Од една страна, повеќе од 100 светски ѕвезди од модната индустрија ги здружија своите сили во барањето да се преземе повеќе за безбедноста на моделите. Од друга страна, нивниот главен човек за маркетинг, Ед Разек, даде отказ.

Со отворено писмо, познати личности, модели и активистки меѓу кои Џема Ворд, Мила Јовович и Саскија де Брау, го изразија нивното разочарување и загриженост за модниот бренд откако избија скандалите за сексуалните малтретираања на нивните модели.

Моделите од „Викторијас сикрет“ добија поддршка од славни директори на модната индустрија, голем број фотографи, дизајнери и стилисти, како и супермодели како Дауцен Крус, Кристи Тарлингтон и Ерин О’Конор, а исто така беа повикани да се приклучат на програмата за права на Модната алијанса.

– Вознемирувачко е што овие луѓе го користат нивниот статус во компанијата за да злоупотребуваат млади девојки. Ваквите злоставувања продолжуваат да се толерираат во модната индустрија – се наведува во писмото.

Периодов, во центарот на вниманието се фотографите Тимур Емек, Дејвид Белемер и Грег Кадел поради обвинувањата за сексуално злоставување.

Компанијата трпи порази и во другите сфери. Ед Разек, главниот директор за маркетинг на „Викторијас сикрет“ се повлекува од компанијата по 36 години. Неговата оставка доаѓа по низата скандали и контроверзии на многу фронтови, обвинувањата за сексуална злоупотреба, ставот и коментарите за трансродовите лица, како и за оние жени кои се плус сајз модели. Тука спаѓаат и неговите блиски релации со Лесли Векснер, основачот и извршител на „Би Брендс“, како и пријателството со Џефри Епстаин, финансиерот кој минатиот месец беше осуден за сексуално злоставување на малолетни девојки.

Под ударот на ваквите контроверзии, „Викторијас сикрет“ се соочува и со финансиски проблеми. Компанијата најави дека годинава затвора 53 продавници само во Северна Америка.

Гледаноста, исто така опаѓа. Познатата ревија на долна облека имаше најмала гледаност од 3,3 милиони уште откога почна да се емитува на телевизија во 1995 година. Минатото издание на шоуто на „ангелите“ беше повлечено од телевизиско емитување.

„Викторијас сикрет“ е бренд кој го започнаа двајца мажи во 70-тите години на минатиот век, а Разек (71) е во компанијата уште од самиот почеток. 

– Правилно разбирање на вредноста на брендот е клучно. Коментарите кои напаѓаат трансродови лица претставуваат голем ризик, поврзаноста со Епстајн е ризик, да се биде глув на барањата за промена исто така е ризик. Тоа е рецепт за неуспех – вели Пол Аргенти, професор по корпоративна комуникација на Факултетот за бизнис во Так, Дартмут.

„Викторијас сикрет“, сепак, уште има големо влијание и моќ. Со ново лидерство, чесно самооценување и храбра, нова стратегија, брендот повторно може да се најде на врвот на славата на која беше.