На 18 и 19 мај, на „Школка“, во Градскиот парк во Скопје, ќе се одржи фестивалот на улична храна „Вкусот на Скопје“.

– Овој дводневен настан ќе ги обедини најдобрите локални сендвичарници и ресторани, чии сочни специјалитети нема никого да остават рамнодушен. Ќе имаме можност да дегустираме разновидна улична храна и да ѝ се препуштиме на фузијата од зачини, ароми и различни вкусови, кои дефинитивно ќе ни го задоволат апетитот – вели организаторот на овој фестивал „Моментум инк“.

Главната цел на организаторите на овој фестивал е рафинирање на нашата заедница во сите можни аспекти.

– „Вкусот на Скопје“ има и своја едукативна страна, големиот број учесници во програмата на дело ќе ги прикажат своите врвни кулинарски вештини и ќе ни приредат интересни демонстрации за готвење нови рецепти и едукативни презентации за исхраната и здравјето. „Школка“ во Градскиот парк во Скопје ќе понуди корисни совети за сите возрасти, па дури и за оние најмалечките – идните гурмани! Наскоро ќе биде објавена целосната програма за настанот – додаваат од „Моментум инк“.

Организаторите решија дополнително да ја збогатат програмата во вечерните часови со локални музичари.