Урнатиот мост од Битката за ранетите повторно ќе биде изграден над реката Неретва во Јабланица, Босна и Херцеговина. По 30 години чекање, повторно ќе бидат поврзани двата брега. Тоа ќе биде еден од најважните експонати на антифашизмот и стратегиски туристички центар во ова херцеговско гратче.
Веќе почна поврзувањето на конструкцијата со постојната, која косо лежи на левиот брег на реката Неретва, а подоцна, покрај надалеку познатиот мост ќе бидат направени и дрвен премин и патеки од левата и од десната страна, за да се овозможи премин ување на другиот брег.
Началникот на Јабланица, Дамир Шабановиќ, вели дека ова е многу значаен проект и оти по 30 години чекање било крајно време овој мост да се реконструира. Наедно тоа ќе биде збогатување на туристичката понуда на овој крај.
Директорката на музејот „Битка за ранетите на Неретва“, Азра Џелмо, истакнува дека ова е еден од најважните проекти што се реализира во последните неколку години.
– Ова е наш највреден експонат, сведок е на настаните од 1943 година и веруваме дека неговото обновување ќе ја зголеми репрезентативноста на самиот комплекс, а најважно е што тој ќе биде зачуван за идните генерации, кои ќе имаат можност да учат за антифашизмот – вели Џелмо.