Фото: Дарко Андоновски

Виолета Томовска, добитничка на „Св. Климент Охридски“

На младите колеги од естрадата им посакувам да доживеат барем дел од она што го проживеавме ние, да настапуваат, да снимаат, да одржуваат концерти, турнеи надвор од нашите граници, вели Томовска

Меѓу годинашните добитници на високата државна награда „Св. Климент Охридски“, која се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес, е и естрадната уметница Виолета Томовска. За време на 60-годишната музичка кариера, снимила над 1.000 песни, одржала голем број концерти дома и во многу земји во светот, снимила плочи со тиражи од 100.000 примероци за ПГП РТБ, пеела пред познати светски личности и секогаш била достоинствен амбасадор на својата држава.

– Убаво е чувството кога добиваш државно признание за вложените шест децении во професијата, за изодениот пат што го одбележаа многу испеани песни, соработките со врвни автори и пејачи, турнеите низ целиот свет, снимените плочи и носачи на звук. Оваа награда што ја добив ми врати многу спомени и како времеплов, ме однесе до почетоците, кога во 1960 година, како петнаесетгодишно девојче победив на аудицијата „Микрофонот е ваш“, што ја организираше Радио Скопје – вели Томовска.
Таа додаде дека имала среќа што во текот на својата богата и успешна кариера соработувала со врвни македонски композитори, а со најдобрите македонски пејачи пеела во дует.

– На почетокот пеев забавна музика, а песни за мене пишуваа: Димитар Масевски, Драган Ѓаконовски-Шпато, Александар Џамбазов. Всушност јас од дете ги познавав повеќето автори бидејќи мојот вујко е оперскиот пејач Благоја Петров-Караѓуле, а тетка ми беше певицата Блага Видец. Музиката постојано била дел од мојот живот, бидејќи и во моето пошироко семејство има многу музичари и пејачи. Сепак, за текот на мојата кариера пресудно беше моето доаѓање во Скопје и зачленувањето во КУД „Орце Николов“, каде што оркестарот го водеше Кочо Петровски, а таму почна и мојата соработка со Јонче Христовски. И така кога требаше да одберам дали ќе пеам забавна или народна музика, животот ме однесе кон фолклорните води. И не зажалив. Во земјотресот во Скопје, 1963 г., го загубив мојот вујко Караѓуле, но сепак заминав на турнеја со КУД „Орце Николов“ во Америка, каде што почнав да пеам во дует со Кирил Манчевски – се сеќава Томовска.

Потоа следувала турнеја со националниот ансамбл „Танец“, а на еден од настапите во Белград, од првите луѓе на дискографската куќа ПГП РТБ, добиле покана да станат нивни ексклузивци.
– Снимивме со Манчевски четири новосоздадени песни на Кочо Петровски, а потоа следуваа уште многу носачи на звук на кои се забележани убавите македонски народни песни. За жал, тој почина многу млад, на 39 години, но јас продолжив да пеам и да снимам. Така ги отпеав „Македонско девојче“ „Ој, Вардаре македонски“, „Едно име имаме“ на Јонче Христовски,, „Молитва“ на Барбаровски, „Љубов голема“ на Масевски, кои сега се своевидни химни на нашиот народ – вели познатата пејачка.
Томовска се гордее и на соработката со Наум Петревски.

– Пријатно бев изненадена кога на едно наше патување тој ми откри дека многу го почитува Кирил Манчевски и ги знае сите негови песни. И покрај големата разлика во години, почнавме да снимаме бидејќи гласовите одлично ни се согласуваат. Во текот на кариерата сум соработувала и со Пепи Бафтировски, Александар Сариевски, Никола Бадев, Добри Ставревски, Анка Гиева, Васка Илиева, Мирвет Беловска, сите златни грла на македонската народна песна со кои имавме многу концертни средби со Македонците од целиот свет – ни рече Томовска.

Неуморната Виолета сѐ уште има планови за снимање нови песни, а во моментот соработува со инструменталистот Тимко Чичаковски, кој свири на канон и на повидок е ново цеде.
– Додека ме држи грлото ќе снимам и ќе пеам, зашто само ако работиш оставаш трага. Се надевам дека ќе имам можност да направам и едно цеде со моите најубави песни, а секако шеесетгодишниот јубилеј да го одбележам и со еден роденденски концерт, на кој ќе ги повикам сите мои соработници, колеги и пријатели – посакува таа.

Томовска на крајот ни ја кажа и својата голема желба, младите македонски автори и пејачи да имаат мегдан каде што ќе можат да покажат што знаат и умеат.

– И на младите колеги од естрадата им посакувам да доживеат барем дел од она што го проживеавме ние, да настапуваат, да снимаат, да одржуваат концерти, турнеи надвор од нашите граници. Секако, државата треба да им подаде рака да се изборат за свое место на естрадното небо, а наедно со тоа и понатаму ќе живее и ќе се надградува убавата македонска народна песна – вели Томовска.