Популарниот и концертно активен женски гудачки квартет „Бонд“ првпат доаѓа во Скопје на 20 март. „Спајс грлс на класичната музика“, како што уште ги нарекуваат членките на групата, ќе одржат концерт во Македонската филхармонија.
Квартетот „Бонд“ важи за супербренд со милионска армија на обожаватели низ целиот свет. Нивното музицирање, критичарите го сметаат за пркосење со стиловите, а се сметаат и за најпродаван гудачки квартет на сите времиња. Велат дека црпат инспирација од класичните, латинските, фолк, џез, рок, електро, индиските и стиловите од Средниот Исток.

Од првото деби досега има продадено неверојатни 5 милиони албуми низ целиот свет, со 56 платинести и 15 златни тиражи на своите изданија.
Досега членките на квартетот „Бонд“ настапиле во најдобрите концертни сали во Европа, Америка, Австралија, Централна Америка и во Азија и нивните концерти секогаш се распродадени.