Откако го погоди Аморовата стрела во Киев, Украина

Огненовски верува дека заедно со сопругата Олга, која му даде нова димензија на неговиот живот, ќе успее брендот „Тоскана“ да го однесе во Киев, но и на други места во светот

Познатиот македонски готвач Влатко Огненовски патува по светот во потрага по совршениот вкус и постојано запознава нови кујни и најразновидни јадења во регионот, но и во Европа, САД, Порторико, Барбадос, Мексико, Куба, Лаос, Камбоџа, Тајланд… Гостува во најпознати светски ресторани, каде што одржува мастер-курсеви за готвење. Како вистински глобтротер, пред околу една година, тој од Атланта, САД, отиде службено во Киев, за да се сретне со својот колега, шефот Влад Киндер.
И онака, како што само животот знае да ги намести коцките, во еден елитен клуб во метрополата на Украина ја сретна Олга Кошченко. Влатко (46) и десетина години помладата Украинка, само по неколку дена сфатија дека се создадени еден за друг. Олга без размислување одлучи да даде отказ на своето работно место како економистка, се спакува и се пресели во Скопје. Во јуни лани се случи и свадбата.
Како што вели, многу ѝ се допаѓа животот во Македонија, за која претходно знаела дека е убава мала држава на Балканот, каде што се пишува на кирилица и каде што поголемиот дел од населението е православно и оти Македонците, како и Украинците, се дел од иста, словенска група на народи.

– Веднаш почувствував дека тука луѓето се многу топли и отворени и досега стекнав многу нови пријатели. Ми се допаѓа и природата, планините, езерата… Сѐ што пробав тука е вкусно и убаво, храната е многу квалитетна, а се разбира и вината – ни рече Олга на англиски јазик, но се пофали дека оди и на часови по македонски јазик.
А сеќавајќи се на моментот што му го смени животот, шефот Влатко Огненовски ни откри дека само два месеца по првата средба во Киев, тој се вратил со дијамантски прстен и ја побарал Олга за жена.
– Тоа се случи на улицата Михајловска 16 во Киев. Во јуни се регистриравме во Скопје. Олга присуствуваше и на реотворањето на мојот ресторан „Таверна Тоскана“ во Скопје (кај Млечниот ресторан), кој повторно го отворив на истото место по девет години. Таа е задолжена за финансиите, јас за готвењето и одлично функционираме. Секако, наоѓаме време и за патувања, за дружење со пријателите. Татко ми Киро и сестра ми одлично ја прифатија, а и нејзините родители не се противеа на нејзината одлука да се пресели во Скопје – ни откри Огненовски.

Олга се надоврза дека нејзините родители, кои живеат во градот Макифка, во областа Доњецк во Украина, кој има 360.000 жители, во мај ќе дојдат во Македонија и таа едвај чека да им ги покаже убавините на нашата земја: Матка, Охрид, манастирот „Бигорски“, Куклице, Кокино…
– Моите родители веднаш го прифатија Влатко и многу го почитуваат. Сега за сега јас сум преведувачката, но, сепак, тие одлично се разбираат – вели таа.
Според Олга, нејзиниот сопруг е најдобар готвач во земјава, што не е далеку од вистината.
– Иако „Тоскана“ ја отворивме во ноември, има сѐ поголем интерес кај луѓето да ги вкусат специјалитетите што ги приготвува Влатко. И јас сакам да готвам, па драго ми што на мојот сопруг му се допаѓа украинскиот специјалитет боршч, за кој тој вели дека е вистински лек – ни рече Олга.
Влатко дополни дека чести гости му се вработените од странските амбасади, кои се одушевени од неговата кулинарска магија и веќе го ангажирале да ги обучува нивните готвачи.

Овој инвентивен готвач не само што ги осмисли кујните на многу македонски ресторани и угостителски објекти во земјава туку и е почесен гостин на светски ресторани во целиот свет. Неодамна се најде и на страниците на познатиот магазин „Бјутифул“, како готвач во швајцарскиот кафе-ресторан „Зиг-Заг“, каде што исто така ги обучувал готвачите.
Тој е автор и на книгата „Модерна македонска кујна“, а беше носител и на едукативните кампањи за здрава храна „Шпајзот на Македонија“ и на програма наменета за исхраната на децата „Растеме заедно“. Тој со познатата винарница „Стоби“ креирал јадења инспирирани од нивната линија на вина „Прајват резерв“, со врвен квалитет.

За шефот Огненовски кулинарството е уметност што се учи цел живот. Тој верува дека заедно со сопругата Олга, која му даде нова димензија на неговиот живот, ќе успее брендот „Тоскана“ да го однесе во Киев, но и на други места во светот.
– За мене, откако ја сретнав Олга, љубовта е најсилниот зачин и ќе ја чувам како нешто најубаво што ми се случило во животот – ни рече на крајот шефот Огненовски.

За шефот Огненовски, кулинарството е уметност што се учи цел живот