Почетокот на љубовната афера меѓу модата и театарот се случила во 1924 година, кога модната дизајнерка Габриел Коко Шанел создаде костим за капење од жорзет и розова клош-шапка, едноставен, но револуционерен модел за балетот „Синиот воз“ на компанијата „Балет Рус“ на Сергеј Дијагилев за богатата младина, која прави гимнастика и игра тенис и голф на море. Шанел беше само дел од ѕвездената уметничка екипа: сценариото е напишано од Жан Кокто, сценографијата е на Пабло Пикасо, кореографијата на Бронислава Нижинска, а музиката на Дариус Мијо. Со одлуката да ја ангажира Коко како дизајнер на костимите, Дијагилев, како и многупати порано, ги сруши границите и постави нови хоризонти во светот на претставата.

– Шанел беше првата модна дизајнерка, која правела костими за на сцена – раскажува за „Њујорк тајмс“ Филип Нуазет, кустос на изложбата „Кројачи на играта“, која ќе биде отворена до 3 мај во Националниот музеј за театарски костими во францускиот град Мулен.
Околу 130 изложени костими се поделени на неколку целини: „Форми“, „Втора кожа“, „Не толку класично“ и „Материјали“. Нуазет вели дека тие се „скелетот“ што му овозможил да ги испреплетува сликите од балетот, современите претстави и од модните ревии и да ги спореди со различни епохи и иновации. Дизајнерите на костимите го сочинуваат тимот од соништата на модната индустрија: Балмен, Диор, Живанши, Сен Лоран, Лагерфелд, Версаче, Мијака, Готје…

– Следиме како се одвивал дијалогот помеѓу сцената и модната писта. Сцената била еден вид лабораторија или блок за скицирање за модните дизајнери. Понекогаш прво на балетските костими гледате новости што се појавуваат во модната колекција за следната сезона, а понекогаш трендовите прво се тестираат на пистата, а потоа се појавуваат на уметничка сцена – објаснува Нуазет, цитирајќи ја Коко Шанел: „Модата не постои само на облеката. Таа е во воздух“.

Но кустосот напоменува дека она што изгледало добро на пистата не секогаш на истиот начин се пренесува и на сцената. Балетските костими треба да се приспособат и на специфичните потреби на играчите, кореографијата и театарот, што може да биде дополнителен предизвик дури и за најсофистицираниот креатор.

– Кога работи на костимот, креаторот треба да земе предвид дали може да се игра во него, дали има интеракции со друг играч, дали се игра во парови, дали се игра на подот, затоа, тој мора да размисли како да го приспособи материјалот, и дали тоа за играчите ќе биде удобно и флексибилно, за да не им смета при движење на сцената – објаснува Хариет Јунг, која е специјалистка за изработка на балетски костими.
Таа го наведе примерот за тоа како овие работи ги научила на потешкиот начин кога за една балерина направила корсет од коски, кој за време на пробата се скршил на парчиња.

– Додека студирате можете да ги научите основните за дизајнот на облеката, но разбирањето на механиката на балетскиот костим се учи само преку практика, грешки и повторувања, како и од колегите што веќе поминале низ тоа – истакнува Јунг.