Во студиото на Александар Митевски

Освен ангажманите со Дац, Росана, Марин Бабиќ, славејчињата и други проекти, во моментот Митевски ја компонира музиката за телевизиската серија „Зоки Поки“

Деновиве е навистина раздвижено во музичкото студио „Торус“ на Александар Митевски, во центарот на Скопје. Постојано се снима, едни излегуваат други влегуваат, а познатиот македонски автор ни откри дека има денови кога нема време ни кафе да се напие, но е многу задоволен бидејќи ја работи работата што ја сака и навистина ужива во тоа. По подолго време Александар одлучи и да запее, а во тоа му се приклучи неговиот пријател, актерот Драган Спасов-Дац, и по големиот успех на двете песни што ги снимија во студиото „Торус“, кои им донесоа и награди на годинашните „Охридфест“ и „Макфест“, неодамна овој оригинален дует ја сними и четвртата заедничка мелодија.

– Новата дуетска песна што ја снимивме со Дац се вика „Љуби ме“ и е брза и динамична љубовна песна, со мирис на носталгија, која зборува за подзаборавените чувства во нашето секојдневие. Реализирана е со членовите на дувачкиот состав „Брастет“, хорот од некогашните членови на октет „Македонија“ и со повеќе градски ликови. Песната деновиве премиерно ќе биде пуштена на радио, а спотот ќе го емитуваме на 4 декември. Овој потенцијален хит за сите генерации е наш предновогодишен подарок за публиката – вели Митевски.

Тој додаде дека секојдневно во студиото тој и Дац прават музички проби за нивните забави што ги приредуваат низ Скопје.
– Преработуваме популарни хитови во наша специфична изведба. Се работи за една мала музичко-кабаретска приказна во која пееме популарни македонски и поранешни југословенски шлагери во наш фазон. Дац раскажува интересни приказни за овие песни, а публиката ужива – открива Александар.

Еден од ангажманите што му донесе големо задоволство на Александар е и враќањето на Росана на естрадната сцена со песната „Спомени“, која таа првпат ја слушнала токму во студиото „Торус“ и била затечена од убавината на музиката, а уште повеќе од текстот, за кој вели дека е нејзина автобиографска приказна. Во неговото студио неодамна заврши и снимањето на новиот проект на актерот Марин Бабиќ. Станува збор за продолжението на легендарното „Бебули“, каде што Марин интерпретира поезија. Овој пат покрај класиците, содржи и текстови од Огнен Неделковски, со наменска музика, пренесени беспрекорно од мајсторот на емоцијата Бабиќ.

Но она што кај него секогаш предизвикува насмевка на лицето, колку и да е уморен и ненаспан, се проектите наменети за децата. Тука е продуциран првиот мјузикл за деца „Земја во која не се стигнува“ со режисерката Виолета Џолева, на музика на Александар Џамбазов со целиот детски кастинг и актерот Драган Спасов. Овој проект на Театарот за деца и младинци во Скопје е сѐ уште актуелен и многу посетен. И песничките испеани на последниот детски фестивал „Златно славејче“ се снимени во студиото на Митевски, а две од нив се негово дело.

– Кога е во прашање овој фестивал ќе ви откријам и една тајна, наскоро ќе почнеме да го снимаме и мегамиксот со најголемите хитови испеани на „Златно славејче“, што ќе се слушне на јубилејното издание в година, кога „Славејчето“ ќе го прослави својот 50-ти роденден – вели познатиот музичар.
Тој додаде дека бил дел и од проектот „Зооазбука“, заедно со Детскиот културен центар – Карпош и со Скопската зоолошката градина.

– Беше прекрасно да се работи со детски хорчиња на македонски, албански и на англиски од различни средини и јазични подрачја, сите споени под знамето на музиката, солидарноста и љубовта. И уште нешто поврзано со децата, моментално работам на авторска музика за одличниот ТВ-серијал „Зоки Поки“, што се снима според истоимениот роман на Оливера Николова, на што сум особено горд. Ќе биде тоа интересен зафат да се оживее детската фантазија и глумците од серијата да отпеат современи рефрени, кои ќе ѝ дадат музичка нота на оваа весела ТВ-дружина – вели Александар.

Сепак, константа во неговиот професионален ангажман во студиото е правењето на радио и ТВ-реклами, креативни кампањи со продукцијата „Пикадо“.
– Многу е интересно кога во триесетина секунди треба да составиш интересен текст, наменска музика и сето тоа креативно да го спакуваш за да предизвика внимание кај публиката – вели Митевски.