Видеосервисот на Јутјуб соопшти дека во наредниот период ќе понуди целосно бесплатно стотина филма и специјали за деца. Оваа социјална мрежа ќе додава нови содржини секој понеделник до 31 август. Овие активности се дел од проектот „По училиштето“, зад кој стои каналот Јутјуб кидс. Еден од шефовите, Дон Андрерсон, вели дека сервисот сака да им помогне на родителите што истовремено се грижат за децата, работат од дома поради пандемијата на коронавирусот и ги извршуваат секојдневните домашни обврски. Целта е да им се олесни овој период на мајките и на татковците, бидејќи децата сѐ уште се дома.

– Сакаме да ви помогнеме со понуда од висококвалитетни филмови и серии, со кои децата ќе се разонодат, а и вие ќе можете да уживате со нив – соопштија од Јутјуб.
Колекцијата ги вклучува и насловите „Малото момче Тајо“, „Бебето ајкула и Пинкфонг“, „Маша и медо“, „Вештерки“, „Оги и лебарките“ и „Падингтон“, како и едукативни серии, а ќе бидат достапни и сосема нови филмови и емисии.
Содржината ќе може да се пронајде секој понеделник, во категоријата „Шоус“, во наредните пет недели.