Заврши 40-от јубилеен „Скопски џез-фестивал“

Од отворањето со настапот на Матс Густафсон, предводникот на скандинавската џез-сцена, и на новата ѕвезда на џезот, американската басистка Линда Меј Хан О во средата и низа извонредни концерти во наредните денови, вчера се затвори годинашното јубилејно 40-то издание на „Скопскиот џез-фестивал“. И овој пат Скопје и Македонија беа средиште на врвни светски џез-музичари и на многубројните и верни љубители на џезот. Во стандардниот октомвриски термин настапија единаесет докажани имиња од САД, Европа, Куба и од Македонија на две локации, Националната опера и балет и Младинскиот културен центар.
Јубилејот со амбиентален соло-перформанс го отвори шведскиот саксофонист Матс Густафсон, светски истакнат музичар, активен на џез-сцената од 1986 година, кој изведува џез и фри-џез музика, а неговите настапи се карактеристични по енергичноста и импровизациите. Истата вечер концерт одржа и квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, која зад себе има импресивна листа на соработки со ѕвезди како Пет Метини, Кени Барон, Џо Ловано, Дејв Даглас, Тери Лин Керингтон, Виџеј Ајер…

На сцената ги видовме и слушнавме и ансамблот на македонскиот хармоникаш, пијанист, композитор, импровизатор, аранжер и продуцент Јордан Костов, кој го промовираше албумот „Interwining a Fugue“, најновото издание на „Скопскиот џез-фестивал“, потоа концертот на многубројниот лисабонскиот андерграунд музички ансамбл „Л.У.М.Е.“, предводен од композиторот и пијанист Марко Баросо. Гостинка беше и американската поетеса, пејачка, визуелна уметница и активистка од Филаделфија, Каме Ајева, односно „Мур Мадр“, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт ансамбл оф Чикаго“, Дуду Којате, и Матс Густафсон. Во саботата се одржа експлозивнoто шоу на Австријците „Шејк сту“. Беше претставен и специјалниот проект „Ну мјузик 4“ посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз. Од Грција гостуваше триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули. Јубилејното издание го заокружи триото на врвниот кубански пијанист, пејач, мултиинструменталист, композитор и продуцент, добитник на „греми“, Роберто Фонсека, кој дојде со музиката од албумот „Yesun“ од 2019 година.
Саботната вечер, претпоследна од 40-то јубилејно издание, беше посветена на солидарноста со бегалците. По повод тригодишната соработка на иницијативата „Џез за солидарност со бегалците“, претставничката на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, Моника Сандри, и директорот на фестивалот, Оливер Белопета, остварија средба и го изразија своето заедничко задоволство од соработката, чија цел е развивање повеќе солидарност со бегалците и воопшто помеѓу луѓето.
– Почестени сме што соработуваме со „Скопскиот џез-фестивал“, кој со пример ги инспирира и другите да застанат на страната на бегалците. Благодарни сме за постојаната посветеност на фестивалот и можноста и оваа година да ги здружиме силите и да потсетиме на луѓето што бегаат од конфликти, прогон и војни и на кои им треба нашата солидарност. Минатата година во светот, повеќе од 80 милиони луѓе биле принудени да избегаат од својот дом. Приближно половина од бегалците во светот се деца – рече Сандри.

Белопета укажа на тоа дека „Скопскиот џез-фестивал“ е на страната на бегалците од многу порано, од тоа бидејќи таа кауза доаѓа од идеолошките и хуманитарни определби на фестивалот и хуманата должност што ја имаме како граѓани.
– Како фестивал на џезот, кој се смета за форма на уметност што ги крши јазичните, етничките, расните и класните бариери и кој се бори против национализмот и за слободата, ние имаме не само привилегија туку и одговорност да едуцираме. Пред сè за џезот и музиката од светот, но и за вредностите во општеството и кај секој поединец што нè следи низ годините. Не смееме да дозволиме омразата да е погласна од солидарноста со бегалците. А џезот е тука да ни помогне да растеме и да бидеме подобри луѓе – рече Белопета.
Во рамките на фестивалот беше доделена и веќе традиционалната награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година, која годинава ја доби гитаристот, композитор и импровизатор Филип Букршлиев. Името на овој скопски музичар може да се најде на повеќе од 20 изданија. Активно твори во повеќе домашни формации.
– Творештвото и музицирањето на Букршлиев се одликува со необична духовитост, раскошна фантазија и несекојдневна елоквентност, што, впрочем, соодветствува и на неговата личност – соопштија организаторите.
Наградата му беше врачена вчера во рамките на последниот фестивалски ден, проследено со негов настап во квартет-формација.