Фестивалот за забавни мелодии „Макфест“, кој годинава го прославува своето јубилејно 35-то издание, се подготвува за роденденот, а првите луѓе го бараат најдоброто решение, соодветно на пандемијата на коронавирусот.
Општина Штип како организатор на фестивалот годинава, помогната и од Министерството за култура, на располагање има 6,5 милиони денари, а според техничкиот директор на фестивалот, Кирил Панајотов, подготовките се во тек, избрани се песните од објавениот конкурс, а некои се нарачани и по порачка од наши познати композитори.
Има голем интерес меѓу авторите да бидат дел од роденденското издание на најдолговечниот фестивал во нашата земја, чиј уметнички директор и годинава е Владимир Дојчиновски-Дојчин.

– Сите се надеваме дека до октомври состојбата со пандемијата ќе се смири, но доколку не дојде до тоа, можно е фестивалот да има свое аудиоиздание, двојно цеде со песните од „Макфест 2020“. Има многу опции, а според сегашните планови роденденското издание ќе се одржи во првиот викенд на октомври во Штип. Можеби фестивалот нема да трае три дена, но за конечната форма сѐ уште никој не може да потврди со сигурност – велат првите луѓе на фестивалот.
Инаку, според првичните планови треба да има шоу-програми со докажани музички имиња од регионот. МРТ и годинава ќе врши пренос од фестивалот, за кој сѐ уште се бара најдоброто визуелно и аудиорешение, во согласност со новонастанатите околности.

– Има опција фестивалот да се емитува во студио и да се гласа телефонски, како и тој да биде ревијален, без доделување награди. За нас е најважно што и годинава македонската музичка продукција ќе ја збогатиме со нови, квалитетни 22 песни – велат организаторите на „Макфест 2020“.