­Детскиот културен центар – Карпош и градот Скопје од 9 до 12 мај го организираат интернационалниот фестивал за гитара „Тремоло“. Овој интернационален фестивал, кој по десетти јубилеен пат се одржува во Скопје, е натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастер-часови.
Оваа година членови на жирито се познатите гитаристи: Вилијам Џенкс од САД, Столина Добрева од Бугарија, Бојан Матев од Бугарија, Бошко Радојковиќ од Србија, Ерхан Мујка од Косово, Дарко Багески и Борче Наумоски од Македонија.

На задоволство на скопската публика ќе се одржат три концерти. На 9 мај во Младинскиот културен центар од 20 часот е концертот на Бојан Ивановски од Србија, на 10 мај од 20 часот во малата сала на Македонската филхармонија настапува Павел Штедл од Чешка. На 11 мај во „Салон 19,19“ во КИЦ од 20 часот е концертот на Никлас Јохансен од Данска. На 12 мај во „Салон 19,19“ во КИЦ е свеченото затворање на фестивалот и доделувањето на наградите на најдобрите учесници.

Со успешната реализација на фестивалот „Тремоло“, ДКЦ Карпош дава поттик и поддршка за развивање и унапредување на овој вид музичка уметност во Македонија. Фестивалот сѐ повеќе прераснува во културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара, учениците, педагозите, не само од Скопје и Македонија туку и пошироко. На фестивалот како жири, педагози и гости досега биле и настапувале многу светски гитаристи и групи.

Главната награда е рачно изработена концертна гитара во вредност од 5.000 евра од Бојан Матев од Бугарија.