Годинешниот, 40. „Скопски џез-фестивал“ ќе се одржи од 20 до 24 октомври. Единаесет познати изведувачки имиња од САД, Куба, Европа и Македонија ќе одржат концерти во живо во салите на Националната опера и балет и Младинскиот културен центар.
– Фестивалот ќе го отвори суперхеројот на скандинавската џез-сцена Матс Густафсон, со свој специјален соло-рецитал на саксофони. Од САД ни доаѓа квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, како и култната музичарка, поетеса, активистка и емси Мур Мадер, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт ансамбл оф Чикаго“, Дуду Којате, и Матс Густафсон. Од Данска, САД и од Шпанија ни гостува квартетот на извонредниот гитарист Јакоб Бро, од Португалија многубројниот лисабонскиот андерграунд-музички ансамбл Л.У.М.Е., од Грција триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули, а од Австрија експлозивните „Шејк Сту“. Еден од ексклузивитетите на јубилејното издание на „Скопскиот џез-фестивал“ е специјалниот проект „Ну мјузик 4“, посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов. Фестивалот ќе го заокружи концертот на славниот кубански пијанист Роберто Фонсека и неговото трио – велат организаторите.
Придружната програма на фестивалот годинава опфаќа изложба на плакати на „Скопскиот џез-фестивал“, под насловот „Компликејт симпли“, премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања, како и настап на најпознатиот албански џез-состав во моментов „АЈС квартет“. Во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани две нови цедиња на „СЏФ рекордс“ – најновите албумски објави на „Јордан Костов ансамбл“ и „Светлост + одрон ритуал оркестра“, а ќе биде доделена и веќе традиционалната награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.
Фестивалот ќе биде реализиран со почитување на сите актуелни протоколи и безбедносни мерки.