Со бесплатна онлајн изведба на претставата „Идентитети – историја на еден растегнат сон“, „Скопје танцов театар“, вечерва, на Јутјуб каналот, со почеток во 20 часот ќе го одбележи своето 10-годишно постоење. Годинава овој танцов театар е поканет да гостува во националниот театар „Шајо“ во Париз, а една деценија претходно оваа прва официјална современа танцова компанија во земјава, во Скопје ја изведе претставата „Меѓусвет“, во кореографија на Рисима Рисимкин.
– Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц – истакнаа деновиве од „Скопје танцов театар“, кој досега има реализирано повеќе целовечерни продукции, како и повеќе кратки кореографии. Лани настапи на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, со дел од претставата „Идентитети – историја на еден растегнат сон“.