Јонас Окерлунд, популарниот режисер на видеоспотови и добитник на многубројни награди „Греми“, ќе снима биографски филм за Брајан Епстајн, менаџер кој имаше најголеми заслуги за пробивот на „Битлси“ на светската музичка сцена. Филмот е наречен „Човекот на Мида“ и ќе се снима во Ливерпул, пренесува „Гардијан“.

Филмот ќе ја раскаже приказната за човекот кој располагал со голем талент да предвидува хитови и открива идни ѕвезди, потпишал со најголемиот бенд на сите времиња „Битлси“ и отворил своја сопствена сала за да промовира имиња како Џими Хендрикс и „Ху“.

– Епстајн е еден од најисклучителните луѓе на 20-от век. Неговата приказна досега не е вистински раскажана. Тој бил пред времето со својата визија за музиката и популарната култура. Бил геј во времето кога хомосексуалноста била забранета и живеел таен живот – изјави продуцентот на филмот Тревор Бити.

Епстајн почина во 1967 на 32-годишна возраст од предозирање со лекови и се верува дека тоа го забрзало распадот на „Битлси“.