Јапонскиот стартап за роботи „Донат роботикс“ создаде паметна заштитна маска за лице што е опремена со високотехнолошки опции, кои имаат цел да им олеснат на луѓето да комуницираат и да се дистанцираат за време на пандемијата. Оваа паметна маска работи во комбинација со мобилната апликација Си фејс-смарт, која нуди мноштво карактеристики. Си фејс-смарт може да го засили гласот на корисникот на маската или неговиот говор да го преведе на осум различни јазици – јапонски, кинески, корејски, виетнамски, индонезиски, англиски, шпански и француски, пренесува „Си-ен-ен“.

– Маската е дизајнирана да се носи преку стандардна маска за лице, бидејќи има процепи за дишење што ја намалуваат нејзината заштитна функција против вирусот. Затоа, најдобро е под неа да имате обична заштитна маска – објаснува Таисуке Он, извршниот директор на „Донат роботикс“.
Направена од бела пластика и силикон, паметната маска всушност има вграден микрофон, кој преку блутут се поврзува со паметниот телефон, на растојание до десет метри.

„Донат роботикс“ првенствено развил софтвер за превод за роботот наречен Синамон, но поради пандемијата овој проект бил ставен во мирување. Тогаш јапонските инженери дошле до идеја да го искористат својот софтвер за да развијат паметна маска.

Првиот бран на дистрибуција на оваа маска се очекува во Јапонија, а до декември ќе бидат достапни од 5.000 до 10.000 маски. Маската ќе чини помеѓу 40 и 50 долари, со дополнителна претплата за апликацијата. Сепак, маските нема да бидат достапни во странство до април 2021 година, иако постои голема можност тие да се појават порано во САД и во Велика Британија поради големиот интерес на јавноста.