Фото: Јусаку Маезава/Твитер

Јапонскиот милијардер Јусаку Маезава денеска полета до Меѓународната вселенска станица (ИСС) во својот прв вселенски лет.

Руското вселенско летало Сојуз, во кое беше сместен 46-годишниот моден магнат и колекционер на уметнички дела, беше успешно лансиран од космодромот Бајконур во Казахстан.

Тој ќе стигне до ИСС за околу шест часа, објави руската вселенска агенција „Роскосмос“.

На 12-дневното вселенско патување, Маезава ќе биде придружуван од неговиот помошник Јозо Хирано, кој ќе го документира патувањето, како и рускиот космонаут Александар Мисуркин.

Маезава, првиот јапонски турист што ја посети ИСС, треба да стане и првиот приватен патник на патувањето „Спејс екс“.

Компанијата во сопственост на Илон Маск ќе го има првиот комерцијален лет до Месечината во 2023 година.