Јапонскиот милијардер Јусаку Маезава најави дека ќе даде по девет илјади долари на илјада луѓе (вкупно девет милиони долари) што го следат на социјалната мрежа Твитер, со цел преку социјален експеримент да открие дали парите ги прават луѓето посреќни, пренесува „Бизнис Инсајдер“.

Маезава, кој го стекнал неговото богатство со модната индустрија, е познат по раскошното трошење на неговото богатство. Тој дал 57 милиони долари за дело на американскиот сликар Жан Мишел Баскија, а исто така ги резервирал сите седишта на првиот лет околу Месечината на компанијата на Илон Маск, „Спејс екс“.

Тој претходно понудил да подели 917.000 долари на 100 случајни избраници во 2019 година. Овојпат, Маезава го продал неговиот моден бизнис „Зозо Инк“ за 900 милиони долари, па сака дел од парите да ги даде на случајните избраници што го следат на Твитер.

Дека парите навистина можат да ја купат среќата покажа и анкета на „Галуп“ од 2010 година. Анкетата во која учествувале илјада испитаници покажала дека лошата финансиска состојба за време на болни периоди од животот, како што се развод или болест, дополнително ја влошила здравствената и емотивната состојба на испитаниците. Додека пак, побогатите испитаници кои поминале низ слични искуства имаат тенденција да бидат позадоволни од нивните животи.

– Парите што ги нудам на испитаниците се наменети да покренат поголема дебата кога станува збор за основниот приход во Јапонија. Моето мислење е дека луѓето не сакаат да им бидат дадени пари на подарок, туку сакаат да ги исполнат своите соништа – вели Маезава.