Убавите јапонски цреши што цветаат во Јапонија се симбол на убавината и минливоста на животот. Оваа година цветовите ќе цветаат порано од вообичаеното. Бидејќи границите се затворени за туристи, само локалното население ќе може да ужива во нив.
Периодот на цветање (сакура) во Јапонија е една од најголемите туристички атракции во земјата, а туристите секогаш традиционално ја планирале својата посета напролет, за да уживаат во времето кога дрвјата се најбујни. Нежните краткотрајни цвеќиња не се само визуелно препознатлива и убава глетка, тие се длабоко вкоренети во јапонската историја, култура и идентитет.
Првобитното време на цветање на јапонските цреши ги подели плодните периоди во годината и со текот на времето стана олицетворение на филозофијата „ваби-саби“, која ги слави несовршеноста и идеалите на шинтоизмот: минливост, надеж и обновување.

Така, црешата е метафора за животот, потсетување дека животот е убав, но и краток и минлив.
Оваа година, поради пандемијата, оддалеку ќе ги видиме дрвјата завиткани во розови тонови, а се чини дека ќе нѐ почестат со својата убавина порано од вообичаеното.
Според ажурираната прогноза на јапонската метеоролошка служба за јапонските цреши, која вклучува садници на околу 1.000 различни локации, цветањето во Токио, на пример, почна на 15 март и моментално има буен цут. Од друга страна, во Хирошима цветањето почна на 16 март, во Осака на 20 март и во Нагано на 31 март, додека Сапоро, на пример, нема да биде сведок на цветањето до 2 мај.
Лисјата на јапонската цреша вообичаено лачат хормони што спречуваат предвремено цветање, но понекогаш временските услови може да ги нарушат утврдените правила и да предизвикаат порано цветање.