Јапонските научници ќе создаваат човечки органи кои ќе растат во ембриони на животни откако владата на Јапонија одобри контроверзно истражување на матични клетки, пренесува „Индипендент“.

Човечки клетки ќе бидат развивани во ембрионите на стаорци и глувци, а потоа и во сурогат-животни, како дел од експеримент кој ќе биде изведен во Универзитетот во Токио.

Поддржувачите на ваквиот експеримент, предводен од реномираниот генетичар Хиромитсу Накаучи, сметаат дека истражувањето може да биде витален прв чекор кон создавањето органи, кои подоцна од животните можат да бидат трансплантирани на луѓето.

Но, оние кои се против ваквите експерименти ги обвинуваат генетичарите дека чекорат по опасен пат. Со ваквите тестови, човечките клетки можат да „заталкаат“ во другите делови на животното, евентуално создавајќи нешто што ќе биде хибрид.

Поради овие причини, ваквите истражувања се забранувани или генерално не се финансираат.

– Не очекуваме веднаш да успееме да креираме човечки органи, но ова ни овозможува да ги унапредиме нашите истражувања засновани врз знаењето што сме го стекнале досега – изјави Накаучи за весникот „Асахи Шимбун“.

Неговата цел е да пристапи бавно, а експериментите ќе бидат ограничени на 14,5 дена кај глувците и 1,55 дека кај стаорците, кога нивните органи целосно се формирани. Неговата претпазливост беше поздравена од биоетичарите во земјата.

– Кога станува збор за ваквите одлуки, добро е да се продолжи претпазливо. Тоа ќе овозможи да има дијалог со јавноста, која е вознемирена и загрижена – вели Тетсуја Иши, научник од универзитетот Сапоро.