Јапонскиот милијардер Јусаку Маезава ненадејно го откажа огласот за пронаоѓање на партнерка што ќе го придружува на патувањето до Месечината, и покрај големата заинтересираност на речиси 30.000 пријавени кандидатки, пренесуваат светските медиуми.

Маезава на почетокот на јануари ја почна потрагата по партнерка преку социјалните мрежи, која би го придружувала на романтичното вселенско патување околу Месечината понудено од компанијата на Илон Маск, „Спејс екс“. Патувањето првично беше планирано да се случи во 2023 година.

Потрагата по девојката исто така требаше да биде прикажана и во реално шоу.

– Покрај мојата првична решеност да се одржи шоуто, нешто ме кочеше и предизвика измешани емоции. Кога ќе помислам дека 27.722 кандидатки храбро аплицираа за патувањето, навистина се чувствувам тажно бидејќи поради лични причини морам да ја откажам потрагата – напиша Маезава на неговиот твитер-профил.

Маезава, кој го стекнал неговото богатство во модната индустрија, е познат по раскошното трошење на пари. Претходно месецов, тој најави дека ќе даде по девет илјади долари на илјада луѓе што го следат на социјалната мрежа Твитер, со цел преку социјален експеримент да открие дали парите ги прават луѓето посреќни.