Јапонската принцеза Мако (29) следниот месец ќе се мажи за својот вереник Кеи Комуро (29), поради што таа ќе остане без статусот на член на царското семејство.

Јапонската новинска агенција „Кјодо“, повикувајќи се на извори блиски до владата, пренесува дека венчавката ќе биде организирана во октомври, и дека Мако по венчавката ќе го напушти царскиот двор. Исто така, се дознава дека брачната двојка ќе се пресели во САД.

Членовите на јапонското царско семејство немаат пасоши. Затоа, Мако со граѓански статус прво ќе аплицира за регистрација на бракот заедно со нејзиниот сопруг. Според законите што важат во Јапонија, жена од кралското семејство која ќе се омажи за цивил го губи својот кралски статус.

Мако, најстарата ќерка на јапонскиот престолонаследник Фумихит и братучед на императорот Нурихит, е првата принцеза на Јапонија по Втората светска војна што ќе се омажи без традиционална кралска венчавка. Принцезата и Кеи се запознаа на Универзитетот во Токио во 2012 година.

Според монархистичките правила во Јапонија, членовите на кралското семејство го губат статусот и привилегиите кога се венчаат со некој што не е од семејството, но добиваат отпремнина од 1,35 милиони долари. Јапонските медиуми пренесуваат дека Мако најверојатно нема да ја прифати отпремнината.

Мако и Кеи ја одложуваа венчавката две години. На крајот на минатата година, јапонскиот престолонаследник, Фумихито, ѝ даде дозвола на својата ќерка да се омажи за Кеи.