Јапонскиот робот за диплење алишта не го постигна очекуваниот успех

Стартап-компанијата од Токио наречена „Седумте сонувачи“, пред четири години привлече внимание на најголемиот саем за технологија во Јапонија, благодарение на „Лаудроидот“ – роботот што може дипли алишта. Машината стана хит, и покрај тоа што и беа потребни пет минути за да здипли една маица, поттикнувајќи ја колективната имагинација на Јапонија, која постојано се обидува да го осмисли следниот напреден модел на робот, пишува „Фајненшл тајмс“. 

Производителот истакна дека машината вредна 16 илјади долари ќе се најде на пазарот до 2017 година, а дека до 2018 година ќе биде продавана на центри за здравствена нега. Според планот требаше да има по еден „Лаундроид“ во секој дом до 2020 година. Но, се покажа дека стартап-идејата не заживеа откако се натрупаа технички проблеми, по што немаше продажба на ниту една единица. „Седумте сонувачи“ набргу прогласија банкрот.

Познавачите на состојбите велат дека смртта на „Лаундроидот“ е парабола за јапонскиот однос со вложувањето капитал во развој на високата технологија, особено на полето на роботиката, односно дека ја претставува празнината помеѓу ветувањето и реалноста.

Првобитно „Седумте сонувачи“ беа сметани за одговор на недостигот на „еднорози“ – приватни компании со хипотетичка вредност од една милијарда долари. И покрај репутацијата на технолошки гигант Јапонија не успева да постигне резултати во „одгледувањето еднорози“. Причини за ваквиот проблем претставуваат немањето на пристап до финансирање, прераното ставање на акциите на берзата, како и отсуството на систем што ќе ги соедини технолошките и неопходните бизнис-елементи, според познавачите на состојбата.

Јапонија мометно поседува само три „еднорози“, наспроти 192-та на САД, 96-те на Кина и 20-те на Велика Британија. Но, земјата на изгрејсонцето не се откажува од технолошките амбиции, поставувајќи цел за создавање на 20 „еднорози“ до 2023 година.