Последниве неколку дена, Јадранско Море покрај црногорскиот и хрватскиот брег ја смени бојата. Веќе не е сино, туку доби зелена или кафена боја, на поширокото подрачје од Плоче до макарската ривиера.
– Сите забележавме дека морето е сосема поинакво од вообичаено и тоа на огромна површина – изјави еден читател на весникот „Далмација денес“, кој на редакцијата ѝ испрати снимка што ја забележал додека се возел со траект на релацијата Плоче – Трпањ на Пељешац.
Од почетокот на месецот во долината на Неретва, а посебно во Херцеговина, имало обилни дождови, некаде и над 300 литри на квадратен метар. Силните врнежи, по сушниот период, предизвикале поплави кон крајот на минатата недела во делови на БиХ, а сето тоа влијаело на нивото на реката Неретва, која ја сменила бојата поради големото количество надојдени води полни со кал.
Буиците на Неретва стигнале до морето, а струите потоа го прошириле заматеното море на северозапад, кон подрачјето на Макарска, објави „Далмација денес“.
И метеоролошки сателит го сними подрачјето, а на снимките јасно се распознава распространетоста на оваа појава.