Јавниот превозник во Виена, Австрија, планира до идното лето да насели околу 80 пчелни друштва со вкупно два милиони пчели на своите зелени површини и со тоа да ја унапреди биолошката разноликост во градот.

Како што велат првите луѓе на градот, првите пчелни друштва, во рамките на овој проект веќе се преселени на ливадата пред станицата Леополдау. Како што наведуваат, јавниот превоз се смета за идеално место за пчелите, бидејќи по должината на шините се наоѓаат неискористени површини на кои има многу цвеќиња.

– Одушевен сум што „Виенер линиен“ ќе има два милиони пчели, односно по една медоносна пчела по жител. Виена со години е град со најголем квалитет на животот на меѓународните ранг-листи. За да останеме први, важно е градот да им биде добар дом на пчелите, бидејќи биолошката разновидност е заштита на климата во практиката – изјави Петер Ханке, градски советник за јавен превоз.

За еден од најзелените градови на светот, каде што речиси 14 отсто од градското подрачје се користи за земјоделство, пчелите се од исклучително значење.