фото Дарко Андоновски

Незаборавните песни на Тоше Проески дваипол часа одекнуваа од грлата на осумилјадната публика, што ја исполни арената „Борис Трајковски“ во Скопје, на концертот што се одржа во негова чест.

Најголемите естрадни ѕвезди од Македонија и од целиот регион ги пееја: „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Тајно моја“, „Чија си“, „Игри без граници“, „Цреша“….. И по 11 години од заминувањето на својот идол, публиката, од повеќе генерации, од збор до збор ги пееше стиховите, кои се врежани во нивните срца.

И блескаа мобилните правејќи ѕвездено небо, одекнуваа аплаузи, се поткрадна и понекоја солза и кај изведувачите и кај публиката, а некое убаво чувство ги допре сите во салата.

Повод за мегаконцертот, во организација на фондацијата „Тодор Проески“ беше претставувањето на албумот „Secret place“, во продукција на британскиот продуцент Енди Рајт, со седум досега необјавени песни на Тоше и три кои добија нови аранжмани. Енди Рајт видно возбуден, ги поздрави присутните со зборовите „Ве сакам сите“, додавајќи на англиски дека ја сака Македонија, нејзиниот народ и музика.

Премиерно беа прикажани и два спота, а еден од најемотивните моменти беше кога на сцената застана 20 -годишниот Кристијан Ристески, внукот на Тоше, кој ја испеа „We are blood“, додека на видеобимот се сменуваа слики од семејниот фото-албум на кои тој е во прегратките на својот сакан вујко. И без оглед на тремата и емоциите, тој со својот настап докажа дека навистина и во него тече крвта на Тоше.

Всушност, за сите изведени песни имаше спотови на Тоше кои се емитуваа на екранот.

Ова славење на убавата музика и на спомените што ни ги остави нашата најголема ѕвезда, како и потсетување на неговите пораки да ја најдеме добрината во нас и да ја споделиме со другите, не остави рамнодушен никого од присутните, како ни пејачите, кои со голема почит, но без патетика, на свој начин ги пееја песните со кои Тоше се искачуваше се повисоко во својот поход кон успехот.

На почетокот ги слушнавме Огнен Здравковски, Денис Димоски, Антониа Гигоска, Александар Тарабунов,Александра Јанева, а потоа и Тамара, Тијана, Каролина, Даниел Кајмакоски,Наум Петрески, Ања Рупел, Владо Калембер, Борис Новковиќ,„Фрајле“, Александра Радовиќ….Сите беа придружувани од бендот на Тоше, кој го следеше долги години на многу турнеи и гостувања.

Трогателен беше и настапот на Бојан Маровиќ, кој беше голем пријател на Тоше. Тој многу емотивно ја изведе баладата „Полско цвеќе“, а илјадници мобилни светнаа во затемнетата сала, додека публиката цело време пееше заедно со него.

На крајот го видовме и спотот за насловната песна од новиот албум, „„Secret place“, што е снимен во Крушево во режија на Александар Пауновски, во кој на своевиден начин беше откриено и кое е тајното место на Тоше.

Но секој што присуствуваше на вечерашниот концерт си замина дома со чувството дека ова таинствено катче сме сите ние што го чуваме споменот на него.

Марија Таушанска

фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски

фото Дарко Андоновски[/caption]

фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски
фото Дарко Андоновски