Австриско-германската телевизиска серија за познатиот светски невролог и основач на психоанализата Сигмунд Фројд стигна на Нетфликс, со наслов „Фројд“. Првата сезона, која изобилува со мистерија, трилер и хорор, прикажува како амбициозниот лекар станал ѕвезда во научните кругови и целосно го сменил начинот на размислување за човековата психа. Во првите осум епизоди се опишани почетоците на неговата практика, кои ги следат чудни случувања и негови лични доживувања.

Се тематизираат и психичките трауми на неговите пациенти, но пред сѐ тајниот живот на младиот студент на медицина, кој со своите теории ги провоцирал современиците. За големиот успех на серијата говори и фактот дека досега ја виделе 148 милиони семејства на над 30 јазици.
Режисер на серијата е Марвин Крен, кој ја работеше популарната драма „4 блока“, а сценариото е на Штефан Брунер и Бенџамин Хеслер. Младиот Фројд го глуми Роберт Финстер, а во главните улоги се појавуваат и Ела Рамф и Георг Фридрих.