За првпат астрономите забележале ѕвезда што кружи околу супермасивната црна дупка во центарот на нашата галаксија Млечениот пат.

Ѕвездата „танцува“ според предвидената мелодија на општата теорија на релативност на Алберт Ајнштајн.

Студијата е објавена минатиот четвртокот во списанието „Астрономи енд астрофизикс“.

Набудувањата на ѕвездата астрономите ги направиле користејќи го телескопот на Европската јужна опсерваторија во пустината Атакама во Чиле. Тие виделе дека орбитата на ѕвездата е во облик на розета.

Теоријата за гравитација на Исак Њутн сугерираше дека орбитата би изгледала како елипса, но не е така. Формата на розета, сепак, ја поддржува теоријата на релативност на Ајнштајн.

– Теоријата на општа релативност на Ајнштајн предвидува дека врзаните орбити на еден предмет околу друг не се затворени, како во Њутновата гравитација, туку одат напред во рамнината на движењето – рече Рајнхард Гензел, директор на Институтот „Макс Планк“ за вонземска физика во Гарцинг, Германија.

Гензел исто така ја водеше програмата која го покажа овој резултат. Иницијативата се залагаше за зголемување на прецизноста на мерењата за период од околу 30 години.

– Овој познат ефект е првпат виден во орбитата на планетата Меркур околу Сонцето и бил првиот доказ во корист на општата релативност. Сто години подоцна, сега го откривме истиот ефект во движење на ѕвезда што орбитира околу компактниот радио извор Сагитариус А во центарот на Млечниот пат. Овој напредок може да ги зајакне доказите дека Сагитариус А мора да биде супермасивна црна дупка, 4 милиони пати поголема од масата на Сонцето – рече Гензел.