Филмот „Ѕвездата е родена“ не помина според очекувањата на номинациите за „оскарите“. Изненади и фактот што Бредли Купер не доби номинација за своето режисерско деби

Кралската приказна со Оливија Колман, „Омилениот“ или „Фејворит“, и црно-белиот филм „Рома“ на Нетфликс имаат убедливо водство во номинациите за најпрестижната филмска награда „оскар“ на Американската филмска академија. И двата филма имаат по десет номинации. По нив се „Ѕвездата е родена“ и „Вајс“, со по осум, и „Црниот пантер“, со седум номинации за „оскар“. Марвеловиот блокбастер е прв научнофантастичен филм што е номиниран за најдобар филм.

Алфонсо Куарон, режисерот на „Рома“, има големи шанси да стане петти мексикански освојувач на „оскар“ за најдобра режија во изминатите шест години.
Куарон, кој создаде приказна што се базира на вистинити факти, има вкупно четири номинации оваа година – најдобро оригинално сценарио, кинематографија, најдобар режисер и најдобар филм.

Успехот на „Рома“ укажува дека Академијата конечно го прифаќа стриминг-сервисот Нетфликс, кој досега беше третиран со сомнеж. Ова е прва номинација за филм во продукција Нетфликс.
Она што се забележува е дека во категоријата најдобар режисер нема женски номинации, што значи дека во 91-годишната историја на наградите на Академијата ќе останат само пет женски најдобри режисери.

Во последната деценија само две женски имиња се номинирани за најдобар режисер: Грета Гервиг за „Лејди брд“ и Кетрин Бигелоу, која во 2010 година освои „оскар“ за „Харт локер“.
„Црниот пантер“ ја обележи 2018 година во киноблагајните и ќе влезе и во историјата со тоа што е номиниран за најдобар филм и во повеќе технички категории, што е сосема очекувано. Благодарение на овој филм, Хана Бичлер е првата црномурна уметница номинирана во категоријата „продакшн дизајн“.

И овој пат меѓу номинираните има мал број актери од етничките малцинства. Во четири актерски категории има петмина номинирани од етнички малцинства (од 20 можни номинации). Исто така, има двајца режисери од етничко малцинство, и тоа Спајк Ли и Алфонсо Куарон. Режисер од етничко малцинство првпат беше номиниран во 2014 година.

Јелица Апарисио, која ја игра главната улога во „Рома“, доби номинација за најдобра актерка, ретко признание за една домородна жена, што, исто така, му дава на филмот висока оцена во оскаровската трка, што е клучен дел од собирањето гласови потребни за прогласување на најдобриот филм. Меѓу номинираните е и Марина де Тавира, за споредна женска улога, иако таа ѝ е речиси непозната на јавноста.
Комедијата „Фејворит“ ја забележа Оливија Колман како најдобра актерка, Рејчел Вајс и Ема Стоун добија номинација за споредна актерска улога, Јоргос Лантимос е номиниран за најдобра режија, а Сенди Пауел се натпреварува за најдобра костимографија.

– Драго ми е што трите актерки се препознаени по своите улоги. Тоа ми беше целта уште на почетокот. Да ги претставам трите силни жени, без да се занемари некоја – изјави режисерот.

„Ѕвездата е родена“ не помина според очекуваното. Најголемиот пораз и изненадување е што Бредли Купер не доби номинација за своето режисерско деби. Само два филма во историјата на филмските награди не добиле „оскар“ за најдобар филм без номинација за најдобар режисер, и тоа „Арго“ и „Возејќи ја г-ца Дејзи“. Истото тоа може да се случи и со „Зелената книга“.

Очекувањата и за „Зелената книга“ паднаа во вода. Прескокнат е во номинациите за режисер и споредна улога, но има номинација за едитирање.
Годинашното, 91. доделување на престижните „оскари“ ќе се одржи на 24 февруари во Лос Анџелес.