Ѓорѓе Балашевиќ на еден од неговите концерти во Скопје / Фото: Игор Бансколиев

Лавина од емоции синоќа се сруши над регионот, како што Ѓорѓе Балашевиќ во шега велеше дека сега се вика неговата татковина, некогашна Југославија. По веста за смртта на големиот кантавтор, завладеа тага и неверица, се почувствувавме како да ни починал некој многу близок, кој не познаваше во душа, кој на најубав начин знаеше да ги стави во своите песни нашите чувства. Отплови панонскиот морнар во вечноста…

Во 67-та година, големиот Ѓорѓе Балашевиќ, на Инфективната клиника во Нови Сад и подлегна на короната, таа опасна болест, која зема многу жртви изминатава година. Лекарите, обидувајќи се да го спасат, цели два часа го анимирале, но попусто. Сите во болницата плачеле, како што плачеа и неговите обожававатели во секое катче на некогашна Југославија, секаде каде што тој со својот бенд барем на две-три години нѐ усреќуваше со своите концерти.

Последен пат во Скопје, популарниот Ѓоле одржа концерт на 20 мај 2018 година во СРЦ „Борис Трајковски“, во органзиација на „Авалон“ продукција, во рамките на турјенајата со која одбележа 40 години успешна кариера. Тогаш имаше 65 години и се пошегува дека, никогаш не ни помислувал оти стиховите на популарниот „Петел“ – „ми пристигна 65-та, значи доаѓа длабока есен“ ќе станат стварност.

И како и секогаш кога доаѓаше во Скопје, најмалку три часа ги пееше со публиката своите хитови: „Протина кќи“, „Мирка“, „Марина“, „Васа Ладачки“, „Јесен стиже“, „Провиницијалка“, „Словенска“, „Рингишил“, „Не волем“, „Д Мол“…. и за крај, како и секогаш „Одлази циркус“. Аплаузот се слушаше уште дваесетина минути, бидејќи публиката едноставно не сакаше да си замине од јубилејниот концерт на Паноскиот мронар.

И тогаш, меѓу сите духовити заблешки меѓу песните, рече дека често го прашуваат како ги пишува песните.

– Навистина не знам, тие се попаметни од мене и ќе ме надживеат. Едноставно ветерот ќе ми дошепне по некој стих. А ако песната мене ми се допадне, знам дека така ќе биде и со публиката – велеше тој.

А песните на Балашевиќ беа вистински ремек-дела и како на ретко кој поет, нивните стихови напамет ги знаеја милиони луѓе. Пееше за љубовта, од првата до последна, посакуваната, невозвратената… Успеваше во неколку стиха да стави и цел роман, но не остана имун ниту на политичките случувања. На 1990-те им посвети цел албум, кој како што вели морал да го напише, и тоа пред сѐ, кога по многу години неговиот син ќе го праша „тато, а што направи ти во времето на владеењето на Милошевиќ?“, да може да му покаже како се борел за своите ставови. Пред неколку години ја објави и опоменувачката песна „Дно дна“, бидејќи едноставно не сакаше да премолчи.

Тој освен што имаше верни музичари со кои настапуваше, имаше и свои верни обожаватели кои го придружуваа каде и да настапуваше. На својата публика и посветуваше песни, па така напиша песна и за својата македонска публика, со наслов „Седум осмини“, а на последната средба во Скопје ни порача дека секогаш за него ќе бидеме Македонија, како и да не нарекуваат другите, и да издржиме и да не им се даваме на барабите, како и досега“. Секогаш истакнуваше дека каде и да настапува во регионот, се чувствува како дома.

– Навистна добра екипа сте. Каде и да одам, во Љубљана, Белград, Загреб, Сараево, Скопје, јаа сум со моите. Секогаш ги почитувам разликите, но уште повеќе сличностите. Па иако можеби зборуваме на различни јазици, зборот срце секаде исто звучи – велеше големиот Балашевиќ.

Некој на социјалните мрежи, на кои вчера сите на свој начин се простуваа од својот сакан Ѓоле, како од некој најмил, напиша „со заминувањето на Балашевиќ, како повторно да умре Југославија“. Бидејќи тој едноставно беше алката што нѐ поврзуваше. Постарите ги потсетуваше на некои убави времиња, кога, како што напиша Балашевиќ неодамна на социјалните мрежи, имаше почит, љубов и разбирање“, а помладата публика можеше да ужива во неговите вонвременски песни и барем за миг да биде дел од тој поправеден свет.

Не го дочека својот 68. роденден, што ќе го прославеше на 11 мај. Последните неколку години не настапуваше поради здравствени пробелми, по доживеаниот инфаркт. Сепак веруваме дека допрва ќе се појават некои нови песни на кои работел, книги со стихови и проза… Ќе остане запаметен и по глумата во неколку филмови и телевизиски серии, за кои ја напиша музиката, по романите и стихозбирките, по 12 издадени албуми, но и по тоа што беше амбасадор на добра волја на Обединетите нации.

Неговите сограѓани, вчера, веднаш откако се рашири веста за неговото змаинување почнаа да палат сцвеќи пред неговата куќа на улицата „Јован Цвијиќ“, а потоа се собраа на Плоштадот на слободата во центарот на Нови Сад за да му оддадат последна почит. Дојдоа луѓе од сите генерации, од родители со бебиња, ученици, до оние најстарите. Ги пееја неговите песни, палеа свеќи, остава кадифени играчки и посвети. И градоначакникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, со трогателна порака на својот профил на Фејсбук се прости од големиот Балашевиќ.

– На крајот, ти добро знаеше кој сум јас, откаде сега тие солзи моја мила…, рече еднаш, и да на крајот ти голем наш Ѓоле беше во право – сите добро знаевме кој си ти, дека си новосадскиот вечен младич, кој со својот неповторлив дух толку често не засмејуваше, но и ни измамуваше и солзи во очите. Твојот Нови Сад засекогаш ќе те памети – напиша градоначалникот Вучевиќ.

Денот на погребувањето на Балашевиќ ќе биде прогласен за Ден на жалост во Нови Сад, а знамињата пред градското Собрание се спуштени на половина копје.

И во други градови во некогашна Југославија, неговата публика преку објави, собири, евоцирање на спомени и пеење на неговите песни се прости од легендата.

За жал, големиот Ѓорѓе Балашевиќ засекогаш нѐ напушти, но ни ги остави песните, а тоа за сите кои го сакаа и почитуваа е голем и скапоцен подарок, како и фактот дека живеевме во Неговото време.

Неговите сограѓани на Плоштадот на слободата во Нови Сад му оддадоа последна почит на Балашевиќ