Периодов во кој живееме, кога сите активности на македонската естрaда како да застанаа, популарниот пејач Ѓоко Ѓорчев го искористи за подговтовки за реализација на видео приказна за темата „Phantom Of The Opera“ (Фантомот од операта), од истоимениот мјузикл на композиторот Ендју Лојд Вебер, што го изведе со оперската певица Кристина Палија.

Воедно тоа е и негов успешен обид да вплови во водите на класичната музика, со неколку арии.

– Ова е голем предзвик за мене и за Кристина бидејќи „Фантомот од операта“ е најгледаниот и најслушаниот мјузикл на сите времиња. Тој долги години е број еден на сцените на њујоршки Бродвеј. Се радувам поради тоа што насловната нумера „The Phantom of the opera“ што ја пееме со Кристина, на која сме особено горди, особено јас, бдиејќи мој фах е поп музиката, наскоро ќе добие еден квалитетен спот што ќе го реализира извонредниот режисер Миле Гроздановски, заедно со својата екипа. Ќе се снима на повеќе локации: во Скопје, Дојран, Демир Капија и во моето Неготино. Снимањето ќе се одвива до крајот на оваа и на почетокот на следната 2021 година. Со нетрпение го очекуваме неговиот почеток, поради тоа што ова ќе биде првпат во нашата земја да се прави спот за едно дело од класичната музика. Како помагатели на овој проект застанаа неколку познати бреднови на кои сум им многу благодарен, бидејќи ќе помогнат да се реализира овој мој сон и тоа во време на пандемија на коронавирусот – ни рече Ѓоко Ѓорчев.

Неговата соработка со Кристина Палија започнала пред две години, кога ја поканил да снимат дует.

– Моја голема желба беше да изведеме нешто ново, несекојдневно. Јас го видов Ѓоко во арија од „Фантомот од операта“ на Вебер, и гласовно и како појава, и тоа и му го предложив. Му ја пуштив снимката на Јутјуб, а тој во првиот момент се вкочани и рече: „Ќе можам ли јас ова да го испејам“? Јас бев убедена дека ќе успее, му реков без грижа, тоа е тој глас и заедно ќе звучиме навистина моќно. Утредента кога кај него малку стивнаа првите впечатоци, повторно се сретнавме и ми призна дека цела вечер не спиел и ги слушнал сите можни верзии на аријата. Беше многу возбуден и тоа остана како идеја за реализирање. Јас набрзо отпатував за Мароко, каде што имав закажано турнеја и по враќањето во студиото на Владимир Дојчиновски ја снимивме аријата. Изведбата не му беше тешка, бидејќи Ѓоко има природно поставен вокал и пее исто како и пред дваесет години. Исто така тој има ретка боја на глас, драмски тенор, а и како човек и пријател е прекрасен. Чест ми е што имам можност да соработувам со него и однапред се радувам на нашите идни настапи и секако на снимањето на спотот – ни раскажа Кристина Палија.

Таа додаде дека не само што таа извршила влијание на Ѓоко и го вовлекла во оперски води, туку соработката со него и кај неа донела низа позитивни промени.

– Јас благодарение на Ѓоко почнав да слушам евергрини и почнав да уживам во нив. Претходно бев насочена само кон класичната, оперска музика, а сега се пронајдов во свингот и во лесниот џез. Подоцна со Ѓоко ги снимивме и „Besame mucho“ кај Филип Стевановски и „Parla piu piano“, во студиото на Иле Спасов. Се надевам ќе имаме уште заеднички песни што ќе се најдат на неговиот нов албум „My way“ – вели Палија.

И Ѓорчев е среќен што песните се нижат една по друга.

– Благодарен сум и што таа ме насочи кон класичната музика и што ми докажа дека можам да пливам и во оперските води без проблем. На мое големо задоволство, ние и понатаму ќе соработуваме и наскоро ќе го снимиме и големиот евергрин: „Qisas qisas“ – ни рече Ѓоко Ѓорчев. М.Т.