Африка е единствениот континент на кој се забрзува уништувањето на шумите, според првичните податоци од петгодишниот извештај на ФАО, организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство. Додека некои јужноамерикански земји честопати беа критикувани за неразумното искористување на шумите, Латинска Америка ги преполови загубите на своите шумски површини.

Во периодот од 2000 до 2010 година, Латинска Америка изгуби 5,2 милиони хектари шуми, а рамнотежата помеѓу уништувањето на шумите и пошумувањето падна на просечна загуба од 2,6 милиони хектари годишно помеѓу 2010 и 2020 година.
Меѓутоа, загубата на шумите во Африка се забрза помеѓу двата периоди и помина во загуба од 3,4 на 3,9 милиони хектари шума секоја година.
– Ова е многу лоша вест за Африка – вели Ен Брантом, експертка на ФАО.
Според Брантом, објаснувањето за тоа може да биде во демографскиот раст во тој регион. Уништувањето на шумите е последица на земјоделството.
– Недоволното намалување на сиромаштијата, заедно со демографскиот раст, претставува притисок врз шумите во Африка – додава таа.

На глобално ниво, уништувањето на шумите продолжи да забавува, но овој позитивен тренд е ослабен во последните десет години. Помеѓу 1990 и 2000 година, како и помеѓу 2000 и 2010 година, просечната глобална загуба на шумите падна за 2,6 милиони хектари, но се намали за само 0,5 милиони помеѓу 2010 и 2020 година и достигна просек од 4,7 милиони хектари годишно, пренесува АФП. Од 1990 година, светот изгуби 178 милиони хектари шуми, што одговара на површината на Либија. Шумите низ светот покриваат нешто повеќе од четири милијарди хектари, или околу 31 процент од копното.