Звучи неверојатно, но половите на Земјата ги менувале местата на секои 200-300 илјади години. Меѓутоа, веќе околу 750.000 години немало промена, а експертите сметаат дека замената на половите би можела да се случи во блиска иднина. Земјините магнетни полови неколкупати ги менувале местата во текот на историјата на нашата планета. Времето за следната смена е одамна поминато, но научниците успеале да направат детален преглед на она што се случило во текот на последната смена.
Колку што знаеме засега, во самото срце на Земјата има јадро од топол метал, кое со своето движење создава електричен полнеж што произведува магнетно поле. Ориентацијата во просторот е само една од предностите што ги имаме благодарение на ова магнетно поле. Тоа првенствено нè штити од сончевото зрачење. Без него, како и без вода и атмосфера, животот на Земјата не би бил можен.
Но поларитетот создаден од нашето магнетно поле не е универзална константа, исто како што ни магнетното поле на Земјата не е секогаш со иста јачина.
Пред приближно 40.000 години, половите требало да ги заменат местата, но сепак се вратиле на својата стара позиција. Американската вселенска агенција НАСА направи детална илустрација, прикажувајќи ги огромните нарушувања што се случиле за време на тој неуспешен пресврт.

Не знаеме многу за последиците што ќе ги предизвика таквиот пресврт, освен што иглата на компасот ќе ни покаже дека северот е југ, а југот север. Новото истражување се обидува да ги расветли геофизичките промени што ќе се појават доколку се случи тоа.
Студијата направена од научниците од јапонскиот национален институт за поларно истражување открива дека магнетното поле станало нестабилно најмалку 10.000 години пред да се случи последната промена и дека целиот пресврт траел најмалку 20.000 години.
Поместувањето на половите се случува постепено со децении. Северниот Пол во последните неколку години во просек се поместувал за 64 километри годишно. Иако ова претставува значително забрзување во споредба со почетокот на 20 век, кога движењето се одвивало во просек за 16 километри годишно, научниците тврдат дека нема причина за грижа.
Истражувачкиот тим ги претстави овие заклучоци по обемната колекција на примероци и палео и магнетни анализи на карпи.
– Нашите податоци се едни од најдеталните палеомагнетни записи од периодот на геомагнетното свртување и нудат детален увид во механизмот на овој пресврт – вели еден од учесниците во овој истражувачки проект, Ијуки Ханеда.

Научниците сега планираат да откријат како овој геомагнетен пресврт влијаел на планктоните и растенијата со проучување на морските микрофосили и примероците од полен што ги собрале, но изгледало дека последниот пресврт на половите немал катастрофални последици врз живите суштества, како што се стравувало првично. Исто така, примероците од мраз покажале дека промената на половите не довела до промени во ротацијата или оската на Земјата, што би предизвикало драстични климатски промени.