Фејсбук освен општите податоци за корисниците како име и место на живеење, знае каде јадат, каде пијат кафе, каде одат на шопинг, на патување, што сакаат да купуваат, го следи секој нивни чекор…

На над 2,2 милијарди активни корисници месечно, Фејсбук им ги има складирано личните податоци, што е речиси една третина од светското население – базата на податоци е јадро на бизнисот на Фејсбук и чини 40,65 милијарди долари. Со настапот пред Конгресот оваа недела, извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, се обиде да го претстави пристапот на Фејсбук до податоците за корисниците како отворен и транспарентен. Одговарајќи на прашањата тој повтори дека корисниците ги контролираат своите податоци и можат да го прегледаат профилот или да го избришат кога сакаат. И ако го затворите својот профил, тие податоци ќе исчезнат од серверите на Фејсбук во рок од 90 дена. Неколку члена на Конгресот го прашаа Закерберг за податоците што ги собира Фејсбук за луѓе што не се корисници на Фејсбук – таканаречени „профили во сенка“. На ова Закерберг одговори дека тој не е запознаен со терминот „профили во сенка“.

– Рековте дека сите ги контролираат своите податоци, но собирате податоци за луѓе што не се корисници на Фејсбук, кои никогаш не потпишаа договор за приватност и ги собирате нивните податоци. И апелирате до луѓето што немаат страница на Фејсбук за да се пријават на Фејсбук за да ги добиете нивните податоци – рече претставникот за Ново Мексико, Бен Луџан. Сервисот Луѓе што можеби ги знаете користи профили во сенка. Фејсбук ги поттикнува корисниците да ги испраќаат своите адресари до Луѓе што можеби ги знаете и ова вклучува податоци за луѓе што никогаш не се најавиле на Фејсбук.

Наместо да ги избрише овие информации, Фејсбук ги задржува податоците од профилот во сенка и се чуваат во резерва, така што ако некогаш отворат профил на Фејсбук, компанијата ќе знае кои профили да им ги предложи како пријатели. Според Сојузната трговска комисија и декретот за заштита на приватноста на корисниците, Фејсбук подлежи на парична казна од 41.484 долари по прекршок по корисник дневно. Најголемата издадена парична казна на Комисијата за нарушување на приватноста е износ од 22,5 милиони долари за спогодбата со „Гугл“ во 2012 година. Теоретски комисијата може да му издаде парична казна на Фејсбук од 8,9 милијарди долари за сите 214 милиони американски корисници.