Социјалните мрежи горат од објави собрани под хаштагот „пандемикдримс“, каде што корисниците разменуваат најнеобични соништа и ноќни кошмари, како и искуства со соништата што се обележени со страв, несигурност, откривање некои нови светови. Стресните информации што нашиот мозок ги собира и ги акумулира во текот на денот, се манифестираат во вид на ноќни кошмари.
Стручњаците истакнуваат дека во оваа ситуација тоа е сосема нормална појава, пренесува Си-ен-ен.

– Најверојатно нашиот мозок бара помалку стресен период. Исто како кога не можете да се опуштите и се обидувате да мислите за убави настани и случки – истакна професорот Меир Кригер од универзитетот „Јејл“.
Џејсон Елис, психолог на универзитетот „Нортумбри“, смета дека постои една еволуциска теорија според која мозокот ги користи соништата за да испроба различни сценарија, кои во реалниот живот би биле ризични или животно опасни. Една друга теорија, пак, вели дека соништата се собирачи на сеќавања.
– Кога го набљудуваме човековиот мозок во текот на сонот, гледаме разлика меѓу фазите во кои некој сонува и во кои не сонува – додава професорката Елис.

Третата теорија можеби најдобро го објаснува бегството и која во некои подобри времиња би го објаснила сонот како „регулација на расположението“. Сонот тука се сфаќа како начин на решавање на проблемите со кои се соочуваме во текот на денот. Затоа, во текот на пандемијата не е невообичаено да се вратиме во детството и некои среќни времиња. Тоа е само механизам со кој се браниме од лошите вести со кои се соочуваме во текот на денот. Ноќните кошмари се резултат токму на тие вести и ѝ одат во прилог на теоријата за собирање и процесирање информации.
Некои од советите што ги нудат стручњаците се да ги исклучите мобилните телефони неколку часа пред да заспиете, а исто така да не гледате во каков било друг екран.