Пчелите кои живеат на покривот на Богородичната црква, за чудо, го преживеале катастрофалниот пожар што ја зафати катедралата во април минатата година и се во добра состојба, пренесува „Гардијан“.

Пчеларите од Париз информираат дека пчелите на катедралата се населени на нејзиниот покрив од 2013 година. Според нив, станува збор за три колонии кои се во добра состојба и не се засегнати или оштетени од пожарот.

Сибил Мулин, која се грижи за кошниците на пчелите, ги посетила за првпат во шест месеци, и на нејзино големо изненадување, пчелите се здрави и напредуваат добро. Пристапот до покривот на Богородичната црква е забранет поради опасност од уривање.

– Мојата прва грижа, секако, беше за катедралата. Потоа веднаш доаѓаат пчелите. Додека ги гледав снимките од гаснењето на пожарот, не можев да ги видам, бидејќи кајронот го покриваше тој дел од видеото, така што не можев да ги видам сандаците со пчелите – се присетува пчеларката Мулин.

За време на пожарот минатата година, многумина стравувале за доброто на пчелите кои живеат на покривот од катедралата. Компанијата на Мулин добила илјадници повици со желби и честитки за преживеаните пчели од луѓе од целиот свет, кои биле пресреќни што пчелите не ги напуштиле своите матици и колониите, туку сториле сѐ што можат за да ги заштитат од пожарот.