Поради висината на која лета авионот, телото може да почувствува неколку симптоми и придружни појави. На пример, крвта апсорбира помалку кислород, поради што ќе почувствувате сонливост или ќе имате главоболка

Летањето со авион воопшто не е слично со престојот на цврста почва – доволно е само да погледнете низ прозорецот на леталото и ќе го сфатите тоа.

Но не само што е поинакво чувството туку и вашите органи ја чувствуваат разликата. Во телото се случуваат големи промени кога сте во авион, пред сѐ благодарение на атмосферскиот притисок. Ако авионот е на поголема висина, атмосферскиот притисок е помал, а тоа на телото влијае на различни начини.

Вообичаено е авионот да лета на висина меѓу 10 и 12 километри. За да преживеат патниците на оваа височина, притисокот се регулира со пумпање кислород во кабината. Со тоа се симулира опкружувањето, кое дава чувство како да сте на висина од приближно два километра, што е слично на некои планински предели.
Исто така, поради висината на која лета авионот, телото може да почувствува неколку симптоми и придружни појави. На пример, крвта апсорбира помалку кислород, поради што ќе почувствувате сонливост или ќе имате главоболка.

Освен тоа, влажноста на воздухот на оваа висина може да биде многу ниска, па може да почувствувате мала дехидрација и кожата да ви стане посува. Во комбинација со притисокот во кабината, тоа може привремено да влијае дури и на вашето сетило за вкус.

Поради притисокот во кабината, може да почувствувате мали болки во стомакот или надуеност, бидејќи гасовите во цревата се шират како авионот се качува на поголема височина, а притисокот во леталото опаѓа.
Често се зборува и за тоа дали летањето со авион може да предизвика тромбоза на вените, што се случува кога во длабоките вени се формираат крвни згрутчувања. Тоа најчесто се случува во вените на нозете, а може да се развие доколку седите премногу долго.

Еве неколку совети како да ви биде пријатно летањето со авион и како да останете здрави:
– повремено станете и истегнете ги нозете;
– пијте многу вода и бидете хидрирани;
– со солен назален раствор изборете се против сувиот воздух;
– со хидратантен крем спречете го сушењето на кожата.