Шеќерот и производите што содржат шеќер негативно влијаат на когнитивните функции на мозокот, покажало истражувањето на универзитетот „Отаго“ во Нов Зеланд.
Долготрајното консумирање некои видови шеќер може да резултира со невролошки проблеми и да ја наруши способноста за паметење, како и за учење, па затоа научниците препорачуваат помалку шеќер, сирупи од пченка и други производи со висока содржина на глукоза во исхраната.
Претходните студии го проучувале позитивното влијание од консумирањето глукоза врз функцијата на мозокот, како што е краткорочното подобрување на меморијата, но другите видови шеќери, како фруктозата и сахарозата, може да имаат штетен ефект.

Истражувачите од универзитетот „Отаго“ во малото истражување врз 49 лица проучиле до кој степен обичниот трпезен шеќер што се користи во домаќинството влијае на когнитивните способности. Тие го проучувале ефектот уште на три други видови шеќер и го споредиле нивното влијание врз когнитивните способности со дејството на плацебо-засладувачите, како што е сукралозата.
Учесниците во студијата одговарале на три групи прашања, вклучувајќи и аритметички проблеми. Студијата открила дека учесниците што консумирале храна богата со глукоза (гроздов шеќер) и сахароза пред тестовите имале полоши резултати во споредба со оние што консумирале храна богата со фруктоза (овошен шеќер) или сукралоза.

Меи Пенг, една од авторите на студијата и предавачка на Одделот за наука на исхраната на универзитетот „Отаго“, вели дека е фасцинирана од откритието што укажува на тоа до кој степен консумирањето шеќер може да влијае на однесувањето на поединецот на дневна основа.
– Особено е интересно до кој степен употребата на шеќер може да влијае на когнитивните способности на индивидуата. Нашето истражување покажа дека „шеќерната кома“, која се поврзува со консумирањето глукоза, е вистински феномен што покажува дека нивото на внимание значително се намалува по консумирање шеќери што содржат глукоза – истакнува Пенг.