Парадоксално, вистинската закана за сегашноста не е климатската криза, туку нова категорија емоционални трауми: тага за животната средина за неповратно изгубеното

Соларпанкот не претставува ниту движење ниту естетика, туку проникнува во уметноста, архитектурата и начинот на живот, нудејќи оптимизам во справувањето со климатските промени. Надежта за оптимистичка иднина, денес, стана револт, пишува порталот посветен на климатските промени „Клима101“. Ретко кој се сеќава на времето без објавување на судниот ден, а денешните генерации доаѓаат на свет со вродена климатска вознемиреност. Научната фантастика, особено жанровски категоризирана во сајберпанк и стимпанк, стана сегашност наместо фантазмагорија на иднината. Иако сѐ уште не живееме во вистинска дистопија, често ни се чини така, „историски“ поплави, пожари, пандемии… Од друга страна, со континуитетот на негативното и безнадежното, ние еволуираме во обесхрабрени соучесници на статус кво ситуацијата.

Не само што сме уморни туку и заборавивме како да се бориме и да најдеме алтернативи за подобро утре. Научнофантастичната апокалипса со немерливи природни катастрофи накратко ни дава терапевтска катарза, додека на долг рок нѐ лишува од волјата и одговорноста за решавање проблеми, пишува „Клима101“.
И токму кога ни треба, соларпанкот ни нуди оптимистичка визија за иднината. Како движење, филозофија, уметност, архитектура, книжевен и филмски жанр, а пред сѐ начин на живот. Во преден план се ставени надежта и истрајноста во услови на климатски промени и социјална опсесија со вина. Сончевите панкери остануваат верни на својата идеја, бидејќи единствената друга опција е да му се препуштат на очајот.

Што е солар, а што панк во соларпанк?

Солар во соларпанк е метафора за утопија, која, како и сончевата енергија, е достапна во сите форми на живот на Земјата. Сончевите панкери замислуваат свет на еднакво распределена чиста енергија за сите, без да ги исклучат маргинализираните групи и најранливите членови на општеството. Сонцето ја симболизира светлината – во директен контраст со темнината што доминира во реалноста и фантазијата. Соларпанкот е спој на природата и веќе достапната технологија.
Полесно е да се замисли крајот на светот отколку крајот на капитализмот – вели Марк Фишер, автор на книгата „Капиталистички реализам“.

Активистичкото противење на играта на моќ и пари што се инвестираат во уништување на животната средина е долготрајна битка. Во соларпанкот, тоа е „панкот“. Слични борби гледаме и денес. Владата на Флорида законски ги спречува граѓаните да живеат самоодржливо надвор од системот, Австралија ја поткопува популаризацијата на сончевата енергија во домаќинствата, а Шпанија до неодамна се обидуваше да воведе „данок на сонце“. Активистите за заштита на животната средина низ светот се етикетираат како терористи и политиканти.

Сончевите панкери на сегашноста

Иако како поим соларпанк потекнува од блогот „Република на пчелите“ од 2008 година, а стана популарен на мрежата Тамблр неколку години подоцна, верен на неговите принципи, тоа не е централизирано движење или естетика.
Сепак, некои проекти важат за носители на изгледот и стилот на соларпанкот. Тоа се Градините покрај Заливот во Сингапур, виетнамскиот Златен мост, градежните проекти на архитектонскиот тим МАД од Пекинг, проектите на модерните екосистеми на Винсент Калебаут, или вертикалната шума во Милано од архитектот Стефан Боери.
Урбанистички гледано, ако Хонгконг е визија за сајберпанкот, Сингапур е визуелниот дом на соларпанкот. Ако сајберпанкот е сив, соларпанкот е откривање светлина и виножито. Од сите примери, јасно е дека аркологијата, спој на архитектурата и екологијата, е важен дел од дизајнот на соларпанкот.

Кинематографски, најпопуларен пример за соларпанк е визијата за земјата Ваканда од суперхеројскиот филм „Црн пантер“. Инспириран од Ваканда, пејачот Ејкон започна да гради футуристички град во Сенегал, за кој вели дека ќе биде вистинска верзија на оваа измислена високотехнолошка држава. Во анимираните филмови на Хајао Мијазаки, „Принцеза Мононоке“ или „Замок на небото“, луѓето живеат во хармонија со природата. Соларпанк се вселенските летала на сончева енергија во филмот на Дизни, „Планета со богатство“.
Соларпанкот, идеолошки, фаворизира одржливост и долговечност.

Педагогија на соларпанкот

Парадоксално, вистинската закана за сегашноста не е климатската криза, туку нова категорија емоционални трауми: тага за животната средина и тага за неповратно изгубеното. Општество што верува дека климатските промени се неизбежни, дека ништо не може да се промени, е општество на работ на истребување. Општество што не верува дека можеме да се бориме против климатските промени преку организирани и заеднички акции е општество без соларпанк-иднина. Секој момент во кој не се бориме против климатските промени со сите достапни алатки е момент во кој избираме зони на удобност наместо здрава иднина.

Исто како што многумина, инспирирани од механички луѓе во приказните на Исак Асимов, се заинтересираа за роботика и одржливи технологии, идеите за соларни панели имаат потенцијал да ги инспирираат новите генерации. Соларпанк-фикцијата на тој начин може да се смета за едукативно и педагошко движење, преку стимулирање на имагинацијата и продолжување на образованието.