Изгорениците не само што не изгледаат добро туку проблемот е што може да доведат и до здравствен проблем. Фондацијата за превенција од рак на кожата наведува дека ризикот е уште поголем ако сте ги имале овие изгореници пет или повеќепати во животот.
– Ултравиолетовото зрачење ја оштетува ДНК во кожата, што доведува до воспалителен одговор со синтеза на простагландини и цитокини и отекување на крвните садови на кожата. Тоа предизвикува црвенило, оток и болка. Понекогаш погодените клетки на кожата се уништуваат – објаснува дерматологот Самер Џабер.
Изгорениците треба да се третираат што е можно побрзо, а дерматолозите ги откриваат најдобрите домашни лекови што може да ви помогнат.
Според Американското здружение за дерматологија, ако имате изгореници, треба да пиете многу течности за да спречите дехидрирање.

Користете ладни облоги – натопете чиста крпа во ладна вода и ставете ја на изгорениците. Повторувајте ја постапката пет пати на ден и држете ја крпата на изгорениците од пет до десет минути. Ладната вода, всушност, може да помогне во гаснењето на огнот што го чувствувате на вашата кожа. Туширајте се со ладна вода и внимателно избришете се со крпа, но оставете ја кожата малку влажна за да може да се впие хидратантниот крем што ќе го нанесете, објаснуваат од Американското здружение на дерматолози. Исто така може да користите алое вера. Тоа може да помогне за лекување изгореници. Може да нанесувате препарати од алое вера на изгорениците неколкупати на ден или да направите ладни облоги од алое вера.
Дерматологот Џабер истакнува дека можете да нанесете ладно млеко на ткаенина, а потоа да ја ставите ткаенината на изгорениците. Исто така, можете да користите и обичен јогурт. Млечните производи може да ја ублажат болката и да го стимулираат процесот на заздравување, а може да ги нанесувате на секои 20 минути во текот на неколку часа.