Корисникот доаѓа на нашата веб-страница bankoftrees.net, одбира во колку дрвца сака да штеди, има можност да ги инвестира средствата однапред или да прави мали уплати на месечно ниво, вели творецот на екобанката Михаил Стевчев

Проектот „Банк оф трис“ е иновативен начин за штедење/инвестирање средства преку креирање на првата „банка“ базирана на дрвја, „банка“ што има цел да апсорбира јаглерод диоксид од атмосферата, да ги зачувува природните шуми, а во исто време да генерира профит за нејзините корисници, објаснува Михаил Стевчев, творецот на оваа екобанка.
Функционира на тој начин што корисникот го отвора својот депозит со купување дрвја во банката, надлежните во „Банка на дрвја“ се грижат за дрвјата за предефиниран надомест. По продажбата на дрвјата, банката му го враќа штедниот влог на корисникот со пресметана камата, а како што ни сподели Стевчев, каматните стапки се повисоки од стандардните депозити.
– По долгогодишно слушање за можностите за инвестирање во насади од брзорастечки дрвја пауловнија и сплет на околности, во 2018-та со тимот на „Банка на дрвја“ почнавме да ја развиваме идејата. Почнавме со премисата „ако се толку добри брзорастечките дрвја, зошто досега никој нема направено инвестициски фонд базиран на дрвјата.“ Денешниот концепт зад оваа иницијатива e повеќегодишно истражување – вели Михаил.
Тој објаснува како ќе се штеди во „дрвја“ во реалниот живот и што ќе треба да направат корисниците за да вложат и штедат.

– Корисникот доаѓа на нашата веб-страница bankoftrees.net, одбира во колку дрвца сака да штеди, има можност да ги инвестира средствата однапред или да прави мали уплати на месечно ниво. По завршувањето на транскацијата и согласувањето со условите за користење, корисникот успешно има отворено „депозит“ во нашата банка од дрвја, т.е. доделени му се дрвја на некоја од нашите плантажи. По отварањето на депозитот, корисникот ќе добива месечни известувања за неговата инвестиција, кои активности се преземени за неговото дрво, слика од дрвото, колкав е неговиот раст, колку јаглерод диоксид дрвото има апсорбирано и колкава е моменталната вредност на неговата инвестиција – ни објасни Стевчев.
„Банката на дрвја“ нуди два начини на штедење: класично штедење – однапред уплаќање на целата сумата за одржување (за девет години), овој депозит генерира поголема добивка по завршувањето, и постепено месечно штедење – зголемување на штедниот влог на месечно ниво (плаќање на цената за одржување на месечно ниво во рок од девет години). Засега оваа банка штеди со помош на брзорастечки дрвја.
– Брзорастечки дрвја се видови на дрвја што растат побрзо од нормално или имаат подолг период на брз развој. Одлуката за место каде што би направиле плантажа треба да задоволува повеќе услови, соодветна почва, надморска висина, пристапност до вода, да ги задоволува условите за да биде успешен бизнис-моделот.

На крајот од циклусот дрвјата ќе бидат продадени како дрвна маса, видот што го садиме (пауловнија) има добри карактеристики за производство на фургон, лесно е пренослив, „Икеа“ го користи за производство на дел од нивниот мебел. Едно брзорастечко дрво за десет години формира дрвна маса како четири нормални дрвја за 20 години. Целта на оваа идеја е со производството на брзорастечки дрвја да ги заштитиме дрвјата во природата – детално ни опиша творецот на екобанката.
Неговите замисли и аспирации се големи, но за почеток планира инвестиција во функционална веб-страница, да се изработи правната рамка што ќе ги заштити корисници и „Банката на дрвја“.
– Сакаме успешно да излеземе на интернационалниот пазар, со тоа да докажеме дека Македонија може да прави квалитетни онлајн продукти. Нашата мисија е да направиме дисрупција на штедењето/инвестирањето, т.е. „Банката на дрвја“ да стане првиот избор кога станува збора за микроинвестирање. Долгорочната визија е да направиме платежно средство, кое директно ќе придонесува кон подобра животна средина – вели Стевчев.