Шри Ланка ги отвори своите аеродроми за странските туристи. По осуммесечната забрана и затворените граници поради пандемијата, туристите повторно можат да ја посетат Шри Ланка, соопштија властите, а пренесуваат светските медиуми.

Туристите ќе можат да патуваат на 12 дестинации, меѓу кои се три паркови за диви животни, историски храм и прифатилиште за слонови. Од нив ќе се бара да ги посетат локациите според распоредот, за да се намали контактот со локалните гости.

Првиот лет од Украина со 180 патници слета на меѓународниот аеродром Матала во понеделникот.

– Шри Ланка одлучи да ги отвори своите два меѓународни аеродрома за туристи според кои ќе мора да се придржуваат до строгите здравствени упатства. Гостинот ќе треба да остане во својот хотел првата недела, пред да излезе да ги обиколува туристичките дестинации – соопштол портпаролот на Министерството за туризам.

Туристите ќе можат да престојуваат само во избрани хотели наменети за нив, додека локалниот персонал има забрана да ги напушта.

Туристите, кои пристигнаа со негативен ПЦР-тест, по слетувањето поминаа на втор тест на аеродромот, по што ќе бидат повторно тестирани, по трет пат, во рок од пет дена.

Шри Ланка очекува да привлече околу 10.000 туристи во наредните три недели, главно од Русија и Украина, но тие сметаат дека брзо ќе има туристи и од другите држави.

Во Шри Ланка дневно има од 500 до 600 заболени од ковид-19, додека бројот на смртни случаи се зголеми на 191.