Филмофилите во саботата се простија од легендарниот шкотски актер, Шон Конери, кој почина на 90 години, а историјата можеби ќе беше поинаква и фудбалските фанови повеќе ќе го познаваа Шкотланѓанецот како ѕвезда на Манчестер јунајтед, ако тој ја прифатеше понудата на Сер Мат Базби да заигра на „Олд Трафорд“.

Првиот Џејмс Бонд го импресионирал Базби на меч со актери кога имал 23 години во 1953 година, и тој веднаш му понудил договор од 25 фунти неделно, висока сума за тој период. Сепак, Конери, кој играл како десно крило, ја одбил понудата бидејќи сметал дека на 23 години е престар да почне со фудбалот.

Конери играл за аматерскиот клуб Бонириг Роуз од Единбург, а бил и на тест кај лигашкиот клуб Ист Фајф, но сепак, бил посветен на актерската кариера.

– Сакав да ја прифатам понудата од Јунајтед бидејќи го сакав фудбалот. Но, сфаќав дека да бидеш врвен фудбалер ќе завршиш кога ќе имаш 30 години, а веќе имав 23 години. Решив да бидам актер и тоа беше еден од моите најинтелигентни потези во животот – изјави години подоцна Конери.