Името Шонда Рајмс е веќе познато на телевизиските екрани. „Вовед во анатомија“, „Скандал“, „Приватна пракса“, „Како да се извлечеш со убиство“ се популарни серија што настанале под нејзино режисерско и продуцентско водство. И сите го добија вниманието на широката публика. На сѐ што ќе направи Рајмс се покажа дека е тешко да се одолее. Забавни и динамични дијалози, интегрирани меѓучовечки односи сместени во една конкретна средина и, секако, добра доза драма.
Популарната продуцентка сега првпат соработува со Нетфликс, во серијата „Бриџертон“. Со оглед на пандемијата, ветувачката серија доаѓа во соодветен момент. Серијата е базирана на истоимениот историски роман на Џулија Квин и е прва од дури осумте што Рајмс ќе ги работи за Нетфликс.
Приказната е сместена во Лондон во летото 1813 година. Во тоа време момчињата и девојчињата од богатите фамилии требало да најдат партнери со статус што ќе им одговара. Се фокусира на главната протагонистка Дафне Бриџертон, најстарата ќерка од моќна фамилија, на која потрагата за сопруг треба да ѝ биде приоритет.

Дафне се надева дека исто како и нејзините родители ќе успее да пронајде некој што навистина ќе ѝ се допадне и во кој ќе се заљуби. Но нејзиниот постар брат не се согласува со ниту една од опциите. Кога во нејзиниот свет ќе влезе некарактеристичниот војвода од Хестинг, за кој се зборуваат многу работи, мислењето на Дафне за потрагата на сопруг драстично се менува. Серијата е обележана со скандали, романтика и напнати односи.
Познато е дека во серијата ќе учествува актерската икона Џули Андрус, а главни протагонисти ќе бидат Фиби Диневор и Рејџ-Жан Пејџ. Се очекува серијата да се објави на 25 декември.