Непалскиот шерпас Ками Рита (49) утрово постави нов рекорд на Монт Еверест, стигнувајќи до врвот по 24-ти пат, со неговото второ искачување во период од една недела.

Би-би-си пренесува дека тој не планира да престане да се занимава со алпинизам и се надева дека ќе продолжи да се искачува и во наредните години.

– Можам да се искачувам уште неколку години. Здрав сум и можам да продолжам со овој ритам до 60 години – изјавил Рита за Би-би-си минатата недела.

Тој за првпат го искачил Еверест во 1994 година и е водич за меѓународни компании кои организираат искачувачки експедиции.

– Никогаш не ни помислував да поставувам рекорди. Всушност, никогаш не сум ни знаел дека можеш да поставиш рекорд. Да знаев, ќе направев многу повеќе искачувања порано – изјавил тој.

На листата со највисоки достигнати броеви на искачувања на Еверест, веднаш по Ками Рита Шерпа се наоѓаат тројца алпинисти кои имаат по 21 успешно искачување поединечно.

Двајца од нив престанаа да се занимаваат со планинарење, додека пак третиот, 39-годишниот Нигма Нуру Шерпа, ќе се обиде да го оствари неговото 22-ро искачување сезонава.