Керол Шулц ја чувала елката во својот двор во селото Флорида, во областа Оринџ, од 1959 година. Свеченото вклучување на светилките ќе се случи на 4 декември

Норвешката смрека висока 23,5 метри, купена пред 60 години како младо стебло, поставена е пред њујоршкиот центар „Рокфелер“ како клучна декорација за претстојниот Божиќ. Дрвото е одгледано во селото Флорида, во областа Оринџ, северно од Њујорк, а деновиве стои исправено во центарот на Големото Јаболко. Стотина луѓе присуствуваа на овој настан, фотографирајќи го дрвото што ќе биде декорирано со повеќе од 50.000 разнобојни ЛЕД-светилки и со голема ѕвезда, изработена од познатиот бренд „Сваровски“.
Керол Шулц во 1959 година го купила младото дрвце и таа година за Божиќ го красело нејзиниот дом, а потоа го посадила во градината пред семејната куќа и оттогаш го гледала како расте.

Таа и нејзиниот партнер Ричард О’Донел во 2010 година, на сајтот на центарот „Рокфелер“ ја запишале смреката на списокот на кандидати за избор на божиќно дрво, а годинава дознале дека е избрана нивната елка.
– Го посадивме дрвото една година по доселувањето во куќата. Никогаш не го ѓубревме, само му зборувавме. Сега изгледа многу повисоко отколку во нашиот двор. Среќна сум што целиот свет ќе може да види колку е убаво – изјави Керол пред центарот „Рокфелер“.

Откако било исечено минатата недела, стеблото со кран било префрлено во камион и пренесено во Њујорк. Свеченото вклучување на светилките ќе се случи на 4 декември, а ќе има и директен телевизиски пренос од настанот.
Како што пренесува „Њујорк пост“, над 750.000 луѓе на ден го посетуваат центарот во текот на новогодишните и божиќните празници, а градските власти за да ја намалат мешаницата планираат годинава по Денот на благодарноста да затворат две ленти на Петтата авенија што влегуваат во пешачката зона. Се проценува дека секоја година оваа атракција ја посетуваат 125 милиони луѓе.
Осветлувањето го вклучува актуелниот градоначалник на Њујорк, годинава тоа ќе го стори Бил де Блазио со специјалните гости.

Обично се избира норвешка смрека, висока од 21 до 30 метри, а оваа атракција е воспоставена во 1933 година. Првата божиќна елка е поставена во 1931 година, во текот на конструкцијата на центарот. Тогаш работниците декорирале помало дрво, со висина од 6,1 метри. Две години подоцна била поставена 15-метарска елка и оттогаш центарот „Рокфелер“ стана познат како „светилник за њујорчаните, но и за гостите на градот“. Оттогаш поставувањето на новогодишната елка стана традиција.
Во текот на Втората светска војна украсите биле патриотски, во сина и бела боја, без осветлување. До 1950-тите се набавувале поголеми стебла, а по десетина години на декорирањето работеле 20 работници во текот на девет дена. Првиот ТВ-пренос бил во 1951 година, а го вршела телевизијата Ен-би-си.

Највисокото дрво е поставено во 1999 г. Станува збор за 30 метри висока смрека од Килингворт, во Конектикат. По терористичките напади на САД во 2001 година, елката повторно била украсена со црвена, бела и сина боја, а шест години подоцна во зелена, откако властите се префрлиле на енергетски ефикасните ЛЕД-светилки.
Од 2007 година, откако ќе се симнат украсите, дрвото се сече на штици и се донира на организацијата „Хабитат фор хјуманити“ за употреба во изградба на куќи. Исто така од 2011 г. елката се осветлува со пеење на „Радост за светот“, популарна божиќна песна на Ајзак Вотс.